2 ноември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ има суфицит од 10,5 милијарди евра на тековната сметка

ЕУ има суфицит од 10,5 милијарди евра на тековната сметка

Во последниот квартал од 2022-ра година, сезонски прилагодениот биланс на тековната сметка на ЕУ покажа суфицит од 10,5 милијарди евра или 0,3 отсто од БДП-то, покажуваат податоците на европската статистичка служба Евростат.

Во третиот квартал сметките покажаа дефицит од 80,4 милијарди евра (2 отсто од БДП-то), а во последниот квартал од 2021-ра година е забележан суфицит од 67,2 милијарди евра (1,8 отсто од БДП-то).

Во четвртиот квартал од 2022-ра година, во споредба со претходниот период, сезонски прилагодените податоци укажуваат на пад на дефицитот на стоки на 17,5 милијарди евра од 74,1 милијарди евра и пораст на суфицитот на услугите на 64,2 милијарди евра од 20,6 милијарди евра.

Во истиот период, дефицитот на сметката на примарниот доход се зголеми на 11,3 милијарди евра од 5,5 милијарди евра, а исто така се зголеми и дефицитот на сметката на секундарниот доход – 25 милијарди евра од 21,5 милијарди евра. Дефицитот на капиталната сметка падна на 1 милијарда евра од 7,1 милијарда евра.

Во четвртиот квартал од 2022-ра година, врз основа на сезонски неприлагодени податоци, ЕУ го зголеми суфицитот на тековната сметка со Британија (+38 милијарди евра), Швајцарија (+28,5 милијарди евра), Канада (+16 милијарди евра), САД (+ 9,5 милијарди евра), Хонг Конг (+7,5 милијарди евра), Јапонија (+5,6 милијарди евра), офшор финансиски центри (+5,5 милијарди евра) и Индија (+2,4 милијарди евра). Дефицит е забележан во односите со Кина (-57,7 милијарди евра), Русија (-13 милијарди евра) и Бразил (-3,1 милијарди евра).

Средствата за директни инвестиции, повторно врз основа на сезонски неприлагодени податоци, на ЕУ паднаа за 376,4 милијарди евра во кварталот, а обврските за директни инвестиции се намалија за 389,9 милијарди евра.

Како резултат на тоа, ЕУ е нето директен инвеститор во остатокот од светот со 13,6 милијарди евра. Истовремено, портфолио инвестициите забележаа нето-прилив од 25,6 милијарди евра, а другите нето-одлив од 26,3 милијарди евра.

Во однос на вкупниот биланс на тековната сметка на земјите-членки на ЕУ, врз основа на сезонски неприлагодени податоци, девет земји имаат суфицит, 16 се во дефицит, а 2 се во салдо.

Зголемување има во Германија (+53,1 милијарди евра), Ирска (+15,8 милијарди евра), Данска (+12,3 милијарди евра), Шведска (+7,8 милијарди евра), Шпанија (+7 милијарди евра), Холандија (+4,3 милијарди евра) и Италија (+3 милијарди евра). Најголеми дефицити на тековната сметка имаат Грција (-9,2 милијарди евра), Франција (-6,7 милијарди евра), Романија (-5,9 милијарди евра), Унгарија (-4,7 милијарди евра) и Чешка (-3,4 милијарди евра).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП