28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Саудиска Арабија и треба скапа нафта за да ги финансира своите...

На Саудиска Арабија и треба скапа нафта за да ги финансира своите гигантски проекти

Во февруари, министерот за енергетика на Саудиска Арабија, принцот Абдулазиз бин Салман, во приватни разговори ги уверуваше аналитичарите дека Ријад е задоволен со цената на нафтата во опсег од 60 до 70 долари за барел. И до пред некој ден цената на суровината на светските берзи се движеше околу горната граница на ова, па и малку повисоко ниво.

Меѓутоа, во текот на викендот, Саудиска Арабија изненадувачки објави дека ќе го намали производството за 500.000 барели дневно од мај до крајот на 2023-та година, а неколку други земји доброволно се приклучија на нејзиниот чекор. Ријад со овој потег покажа дека е подготвен на сѐ за да ја задржи цената на нафтата на ниво кое е профитабилно за него, пишува во коментар „The Wall Street Journal“.

Пазарите реагираа нервозно на извештаите за намалување на производството на ОПЕК +, а цената на нафтата нагло се зголеми на нивоа од 80-85 долари за барел.

По втор пат за шест месеци, Саудиска Арабија ги игнорираше стравувањата на Вашингтон за нафтените пазари. САД се обидуваат да ги потиснат цените и поради сопствената економија и поради желбата да ги ограничат приходите за рускиот буџет и можноста Москва да води целосна војна во Украина.

Извори на „WSJ“ велат дека на крајот на годината, престолонаследникот на Саудиска Арабија Мохамед бин Салман коментирал дека не е толку заинтересиран за американската поддршка и сака нешто за возврат за услугите што Ријад му ги прави на Вашингтон. За набљудувачите во регионот, ограничувањето на производството, кое е во спротивност со американската политика, не е изненадување бидејќи на земјата и требаат многу средства за да ги спроведе огромните инвестициски планови што ги има.

Еден од нив, на пример, е гигапроектот за одморен комплекс на брегот на Црвеното Море со големина на Белгија, кој вклучува изградба на град на иднината во пустина 33 пати поголем од Њујорк. Сето ова вреди најмалку 500 милијарди долари.

Но, дали Саудиска Арабија може да си дозволи да размислува само за себе? Земјата треба да се чува од негативни сценарија за глобална рецесија што може да ја урне побарувачката на нафта и да ја испрати цената далеку под прифатливото ниво на Ријад, коментира Фарук Соуса, аналитичар на Блискиот Исток и Северна Африка во „Goldman Sachs“.

Принцот Мохамед веќе има корист од порастот на цената на нафтата над 100 долари за барел на почетокот на руската воена инвазија на Украина. Зголемените приходи беа искористени за проекти кои доведоа до трансформација на економијата и отворање на конзервативната култура. Голем дел од нив се финансирани од државниот фонд, кој управува со имот во вредност од 650 милијарди долари.

Енергетските советници им рекоа на властите во Ријад дека цената на нафтата треба да остане висока во следните пет години за да се финансираат големите проекти, соопшти „WSJ“. Некои од плановите веќе имаат добра поддршка од меѓународните инвеститори.

Анализите на Министерството за енергетика, сепак, покажуваат дека цената на нафтата може да падне многу под прифатливите нивоа на Ријад – и под 50 долари. Ова ќе ги доведе во прашање големите трошоци што ги планираат во земјата, додаваат извори на американското издание. Саудиска Арабија беше верен сојузник на САД во енергетската политика. Меѓутоа, во последната година интересите на двете земји се разидоа. Вашингтон сака да го намали приходот на Русија – лидер во производството на нафта и природен гас на глобално ниво, додека Ријад како лидер во ОПЕК+ и помага на Москва со тоа што ги одржува високите цени на нафтата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП