Уставниот суд минатата недела со одлука за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. Со ова се опфатени и уставните судии, но и платите на премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции. Повисоки плати од идниот месец треба да „легнат“ и на сметките на заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции. Според висок извор од Финансии, покачување би добиле помеѓу 500 и 600 функционери, иако ниту Антикорупциската комисија не можеше да пресмета колку избрани и именувани функционери има во државата.
Со оваа одлука, најмалку 5 милиони евра годишно граѓаните ќе ги чини зголемувањето на платите на функционерите, според пресметките на Министерството за финансии.

