8 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Toyota“ ја продаде својата фабрика во Санкт Петербург на Русија

„Toyota“ ја продаде својата фабрика во Санкт Петербург на Русија

Јапонскиот автомобилски концерн „Toyota Motor Corp.“ ја продаде својата фабрика во Санкт Петербург на рускиот Централен институт за истражување и развој на автомобили и мотори (NAMI), со кој компанијата излегува од пазарот во земјата нешто повеќе од една година по почетокот на војната во Украина.

На овој начин, Москва стекнува повеќе поранешни средства на странски концерни кои претпочитаат да и го свртат грбот на локалната индустрија во услови на западни санкции и недостиг на компоненти.

„Производството на „Toyota“ во Санкт Петербург… е префрлено на државата“, се вели во соопштението на руското Министерство за индустрија и трговија.

Во септември јапонскиот концерн соопшти дека одлучил да го прекине производството на автомобили во Русија поради нарушување во снабдувањето со клучни материјали и делови.

„Потврдуваме дека го завршивме трансферот на својата фабрика за производство на автомобили на „NAMI“ од 31-ви март 2023-та година. Договорот вклучува целосен пренос на сопственоста на зградите и земјиштето на фабриката“, велат од „Toyota“.

Ниту една страна не откри колку вреди договорот.

Компанијата ги произведуваше моделите „Camry“ и „RAV4“ во фабриката. Објектот е активен од 2005-та година, со нешто повеќе од 80.000 возила произведени во 2021-ва година.

Руското министерство соопшти дека работи на обновување на производството во објектот што е можно поскоро.

Претходно, „NAMI“ се здоби со објект на „Renault“ и „Nissan“.

Француската автомобилска групација го продаде својот мнозински удел во „АвтоВАЗ“ за симболична сума од една рубља, но со шестгодишна опција да ги откупи тие средства. Слична беше сумата што „NAMI“ ја плати за објектите на „Nissan“.

Минатата недела рускиот суд го замрзна целиот имот на „Volkswagen“ во земјата, додека германската компанија бара начин да се повлече од Русија. Компанијата, заедно со другите странски производители на автомобили, ја прекина работата во Русија во минатата година, откако западните земји воведоа санкции без преседан на Москва поради конфликтот во Украина.

Германскиот концерн се обидува да ги продаде своите руски средства, вклучително и нејзината водечка фабрика во Калуга, која има капацитет за производство од 225.000 автомобили годишно и е неактивен од март 2022-ра година.

Русија бара од компаниите од „непријателските“ земји, оние кои воведоа санкции кон Русија, да добијат одобрение од владината комисија за продажба на какви било руски средства.

Странските инвеститори стравуваат дека земјата би можела да прибегне кон национализација на стратешките средства по воведувањето на ограничувањата за продажба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП