28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРегионалната стопанска комора во Битола одбележува 70 години постоење

Регионалната стопанска комора во Битола одбележува 70 години постоење

bitola

Регионалната стопанска комора во Битола формирана во 1963-та година како наследничка на некогашната Трговско-индустриска комора за Битола и со надлежност во стопанствата на општините Ресен и Демир Хисар, годинава одбележува 70 години постоење.

Јубилејот седум децении од формирањето, Регионалната стопанска комора во Битола го одбележува работно, со креирање стратегии на кус и дол рок, изјави за МИА, новоизбраниот претседател на комората во Битола, Мирко Велковски.

„Нашите активности ги темелиме на заедничка соработка со општините од Пелагонискиот регион и Регионалната стопанска комора во Прилеп, бидејќи нашиот потенцијал е голем, а недоволно искористен. Бизнис заедницата и локалните самоуправи имаат интерес за заеднички настап односно за промоција на компаниите, и затоа, за остварување на потребните барања, нашите планови ќе ги доставиме до македонската Влада бидејќи без нејзина поддршка решавањето на проблемите е невозможно“, посочи Велковски.

За големите, средните и малите претпријатија кои членуваат или дејствуваат на подрачјето на Регионалната стопанска комора-Битола, нагласи тој, од исклучителна важност е ревитализацијата на железничката пруга Битола-Кременица кон границата со Грција, изградбата на трета сообраќајна летна на патниот правец Прилеп-Росоман, како и современо сообраќајно решение на релација Битола-Охрид.

„Како Комора сметаме дека поврзувањето со Комората во Охрид не значи само подобрување на туризмот, туку и стопанството во тој дел на државата, и затоа потребен е реален инфраструктурен влог на сообраќајната релација Битола-Ресен-Охрид. Ние ја охрабруваме реализацијата на проектот за гасификација во Пелагонија, а искрено посакуваме да се реализира и проектот „Чебрен и Галишта“ во кој како Комора сме убедени дека може да се вклучат голем број помали и поголеми бизнисмени кои наместо своите заштеди да ги чуваат во Банка ќе инвестираат во овој проект, и ќе бидат владини партнери со загарантирани пари и притоа ќе им овозможат на македонските фирми да влезат во овој мега енергетски проект“, истакна Велковски.

Според претседателот на Регионалната стопанска комора во Битола Мирко Велковски, во Пелагонија доминираат малите и околу 3.000 микро-претпријатија со 3 до 9 вработени лица кои исто така се значајни за равој на стопанството, но тие мора да се трансформираат и прераснат во мали или средни претпријатија кои уште повеќе ќе придонесат во развојот на Пелагонија како најретко населен регион во државата.

Годината на јубилејот, 70 години од формирањето на Регионалната стопанска комора во Битола ќе биде заокружена со изработка на Стратегија за стопански развој на пелагонискиот регион, формирање на посебни комисии за маркетинг, менаџерско лобирање и промоција на малите и микро фирмите на кои во овој момент им е потребна сестрана помош и поддршка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП