14 декември, 2024
ПочетнаАВТОБИЗСеданот „VW Passat“ е официјално мртов во Европа

Седанот „VW Passat“ е официјално мртов во Европа

Гласините се покажаа точни – „Volkswagen“ го прекинува седанот „Passat“ и во Европа. Моделот од следната генерација, кој ќе дебитира во наредните недели или месеци, ќе се продава само како караван, потврди за „Automotive News Europe“ шефот на германската компанија, Томас Шефер.

Менаџерот додаде дека конечната одлука е донесена, иако стариот добар седан беше најпродаваниот модел во својот сегмент во Европа во минатата година. Во САД, продажбата на „Passat“ беше прекината уште во 2021-ва година.

Шефот на „VW“ исто така рече дека испораките на новиот „Passat“ се планирани да започнат во септември, што сугерира дека официјалната премиера ќе се случи на лето. Но, караванот нема да се произведува во Емден (Германија), туку во Братислава (Словачка). Таму ќе се составува и новата генерација на „Skoda Superb“ (актуелната се произведува во Квасини, Чешка).

Новиот „Superb“ ќе биде достапен и како лифтбек и како караван, кој технички ќе биде идентичен со следниот „Passat“. Продажбата на чешкиот модел, кој минатата година беше втор по продажба во својот сегмент по „Passat“, ќе започне во септември.

„Смртта“ на седанот „Passat“ ја следи судбината на неколку популарни модели од оваа класа кои неодамна ги напуштија пазарите во Европа. Тоа се „Opel/Vauxhall Insignia“ и „Ford Mondeo“. Друг модел, „Peugeot 508“, неодамна беше подложен на фејслифтинг во средината на животот, што значи дека ќе постои уште неколку години. И покрај сериозната старост, „Mazda6“ сè уште се продава.

Сепак, „Volkswagen“ ќе продолжи да го нуди „Arteon“ во седан верзија, кој е достапен и како караван наречен „Shooting Brake“. Од зборовите на Шефер, јасно е дека следната генерација на „Passat“ ја развива „Skoda“, но детали за моделот не беа откриени. Се очекува караванот да ја користи платформата „MQB“ и да добие почисти бензински и дизел мотори дизајнирани да ги задоволат барањата на „Euro 7“.

Што се однесува до „Superb“, познато е дека добива „plug-in“ хибриден погон, па би требало да биде достапен и за „Passat“. Да не заборавиме дека „VW“ ќе лансира и електричен седан наречен „ID.7“, кој ќе има исти димензии. Во подоцнежна фаза, овој модел ќе добие и караван верзија во стилот на концептот „Space Vizzion“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП