25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиската цена ја враќа побарувачката на гас во Европа

Ниската цена ја враќа побарувачката на гас во Европа

Побарувачката за природен гас во Европа расте бидејќи цената на гасот се враќа на нивоата пред почетокот на војната во Украина, пишува „Bloomberg“. Ова може да биде потенцијален ризик за подготовките на Европската унија за следната зима без испораките на руски гас.

На холандската берза ТТФ тргувањето во март е динамично – досега цените се движат од 39 до 52 евра за мегават час. Ова е блиску до нивоата од крајот на 2021-ва година и значително пониско од летото 2022-ра година, кога стравувањата дека Русија ќе го намали снабдувањето со гас во ЕУ ги доведе цените на гасот до рекордно високо ниво од 350 евра за мегават час.

Аналитичарите на шведската банка „СЕБ“ предвидуваат дека зголемената побарувачка би можела повторно да ја врати цената на гасот на 100 евра за мегават час во наредните месеци, кога земјите од ЕУ ќе треба повторно да ги наполнат своите складишта за гас. Истото мислење го дели и еден од најголемите трговци со гас – „Vitol Group“.

Рекордните цени на гасот во август предизвикаа намалување на потрошувачката на индустријата. На пример, бизнисите во Шпанија во септември ја намалија потрошувачката за 40% на годишно ниво. Севкупно, земјите од ЕУ ја намалија употребата на гас за речиси 20 отсто во минатата година.

Тогаш многу индустрии се префрлија на алтернативни горива – нафта или дизел, но сега повторно размислуваат за промена и враќање на гасот, коментираат од „TotalEnergies“ за „Bloomberg“. Оваа промена во повеќето случаи е лесна и ќе го поддржи растот на побарувачката. Другите производители, на кои гасот им е главна суровина, ќе почнат да ги враќаат производствените количини што беа намалени во изминатите месеци, додаваат аналитичарите.

Но, некои индустрии се затвораат за добро и го преместуваат производството во области каде што трошоците за енергија се ниски. „BASF“, на пример, најави дека ќе укине илјадници работни места во Германија бидејќи не верува дека владата ќе го обезбеди евтиниот гас што го добиваше од Германија пред години.

Други хемиски гиганти во Германија исто така планираат да ги ограничат своите инвестиции во земјата. Падот на цените на суровините и енергијата засега го стабилизираше процесот, но германските аналитичари стравуваат дека сега нема опоравување од големи размери, како што беше забележано по пандемијата на коронавирусот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП