19 април, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАНаучниците: На нашата планета и се заканува „фосфогедон“

Научниците: На нашата планета и се заканува „фосфогедон“

На нашата планета и се заканува „фосфогедон“, предупредуваат научниците, изразувајќи стравувања дека злоупотребата на фосфор може да резултира со недостиг на фосфатни ѓубрива што би го нарушило производството на храна на глобално ниво.

Прекумерната употреба на фосфор ги исцрпува резервите кои се клучни за глобалното производство на храна, а со тоа придонесува за климатската криза, пишува Гардијан.

Прекумерната употреба на фосфор го зголемува ослободувањето на метан низ планетата

Процесот на истекување на фосфатните ѓубрива од полињата заедно со отпадните води, кои потоа се влеваат во реките, езерата и морињата, резултира со широко распространето цветање на алгите и создавање на водни мртви зони кои ги загрозуваат резервите на риби, предупредуваат научниците.

Покрај тоа, прекумерната употреба на овој елемент го зголемува ослободувањето на метан низ целата планета, истовремено влијаејќи на зголеменото глобално затоплување и растечката климатска криза предизвикана од емисијата на стакленички гасови.

„Дојдовме до критична точка. Можеби ќе можеме да се вратиме на стариот начин, но сега навистина треба да се вразумиме и да почнеме да го користиме фосфорот на многу помудар начин. Ако не го сториме тоа, ќе се соочиме со катастрофа која ја нарековме „фосфогедон“, рече професорот Фил Хејгарт од Универзитетот Ланкастер.

„Нема живот на Земјата без фосфор“

Фосфорот бил откриен во 1669 година од германскиот научник Хениг Брант, кој го изолирал од урината. Се покажа дека е неопходно за живот. Коските и забите главно се направени од минералот калциум фосфат, соединение кое произлегува од него, а овој елемент е присутен во нашата ДНК и во клеточните мембрани.

„Едноставно кажано, нема живот на Земјата без фосфор“, објасни професорката Пени Џонс од Универзитетот во Бристол.

Фосфорот им помага на посевите да растат

Глобалното значење на овој елемент е во неговата употреба – фосфорот го помага растот на земјоделските култури. Секоја година во светот се продаваат околу 50 милиони тони фосфатно ѓубриво. Оваа количина игра клучна улога во исхраната на осумте милијарди жители на нашата планета. Но, поголеми наоѓалишта на фосфор се наоѓаат само во неколку земји: Мароко и Западна Сахара имаат најголеми количини, Кина е второто најголемо наоѓалиште, а Алжир е трето.

Зголемениот притисок врз наоѓалиштата ги натера експертите да се плашат дека светот може да се соочи со трошење на резервите на фосфор во рок од неколку години, оставајќи ги многу нации да се борат да го добијат за да го прехранат своето население. Ваквите предвидувања загрижуваат многу аналитичари, кои стравуваат дека неколку картели наскоро би можеле да го контролираат најголемиот дел од светските залихи, оставајќи го Западот многу ранлив на скокови на цените.

Резултатот би бил сличен на нафтената криза од 1970-тите.

Расипништво при користењето на фосфати на полињата

Аналитичарите велат дека се однмесуваме расипнички кога користиме фосфати на нивите. Измиеното ѓубриво, како и испуштањето на отпадна вода богата со фосфор, резултира со загадување на водата во големи размери и влијае на штетното цветање на алгите.

Некои од најголемите слатководни подрачја во светот се исто така погодени од овој проблем, вклучувајќи го Бајкалското Езеро во Русија, езерото Викторија во Африка и езерото Ири во Северна Америка. Цветањето во Ири резултираше со целосна контаминација на водата за пиење во последниве години.

Исто како и на копно, фосфатите помагаат во растот на водните растенија, но нивниот раст го задушува цветањето на алгите, па затоа во овие области се формираат водени мртви зони.

„Причина за загриженост“

А ваквите кризи доведуваат до дополнителни еколошки проблеми. „Климатските промени значат дека ќе има уште повеќе цветање на алги по единица фосфатно загадување поради потоплите временски услови“, рече проф. Брајан Спирс од Центарот за екологија и хидрологија во Обединетото кралство во Мидлотиан.

„Проблемот е во тоа што кога таа алга ќе умре, таа може да се распадне и да почне да произведува метан. Значи, зголемувањето на цутот ќе значи дека повеќе метан ќе се пумпа во атмосферата, а метанот е 80 пати помоќен од јаглерод диоксидот кога станува збор за затоплување на атмосферата. Ова е причина за вистинска загриженост“, предупреди Спирс.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП