Името „Nokia“ би можело да исчезне од мобилните телефони што ги произведува „HMD Global“. Според нови неофицијални информации, финската компанија не планира да го обнови договорот за користење на познатиот бренд кога ќе истече актуелната лиценца.
Информацијата ја објави инсајдерот познат под името „smashx_60“, кој тврди дека партнерството меѓу компаниите „HMD“ и „Nokia“ ќе заврши во 2029-та година. Тоа би значело дека „HMD“ повеќе нема да може да го користи името „Nokia“ на своите нови телефони без склучување нов договор.
Соработката меѓу двете компании започна во 2016-та година, кога „HMD“ доби право да произведува и продава телефони под брендот „Nokia“. Благодарение на тој договор, на пазарот повторно се појавија телефоните „Nokia“ со оперативниот систем „Android“, но и модернизирани верзии на познатите модели со физичка тастатура.
Првичниот договор требаше да истече во 2026-та година, но во октомври 2025-та година беше продолжен до март 2029-та година за класичните телефони „Nokia“ на одредени пазари. Новите информации укажуваат дека нема да има дополнително продолжување, иако ниту една од компаниите сè уште официјално не потврдила таква одлука.
„HMD“ веќе се подготвува за иднина во која нема да зависи од името „Nokia“. Компанијата во последните години сè повеќе го промовира сопствениот бренд, а според информациите од истиот извор, од 2027-ма година планира и проширување на понудата со паметни часовници, безжични слушалки, преносни „Wi-Fi“ рутери, надворешни батерии и други додатоци.
Таквата стратегија би му овозможила на „HMD“ да се развива како производител на поширок спектар потрошувачка електроника, наместо работењето да го заснова претежно на мобилни телефони.
Сепак, тоа не значи дека „Nokia“ како компанија ќе престане да постои. „Nokia“ и натаму работи во областа на телекомуникациската инфраструктура и развојот на мрежните технологии. Исто така, евентуалниот крај на соработката со „HMD“ не ја исклучува можноста телефоните „Nokia“ во иднина повторно да се појават преку некој нов договор за лиценцирање.
Засега е потврдено само дека постојната лиценца за одредени класични телефони важи до 2029-та година. Дали тоа навистина ќе биде последната година во која ќе се произведуваат телефони „Nokia“ под закрила на „HMD“, останува да се види.