Оваа столица нема тркала. Се движи со помош на четири роботски нозе и токму таа освоила главна награда на натпреварот за концептуален дизајн „Red Dot“.
Тркалата запираат пред скалите, но „Walk Me“ е дизајнирана да го пренесува корисникот во седечка положба по скали, да му помогне да влезе во автомобил и непречено да се движи меѓу затворени и отворени простори.
Столицата лесно маневрира и во тесни простории, каде што стандардните инвалидски колички тешко можат да свртат. Истовремено, таа го подигнува корисникот на висина на очите на луѓето што стојат.
Уредот се подигнува од подот на начин што потсетува на човек кој станува од традиционалната јапонска положба на клечење. Од „Toyota“ наведуваат дека начинот на движење бил усовршен преку околу 10.000 симулации на движења.
Сепак, наградата роботската столица ја освои за дизајнот. Инспирирана од концептот „omotenashi“ – јапонскиот дух на гостопримство – таа го поздравува корисникот со движење што потсетува на учтив поклон.
Тридимензионалната плетена ткаенина успешно ги прикрива механичките зглобови, додека мекото тело наликува на филц, поради што столицата повеќе изгледа како парче мебел отколку како медицинско помагало.
Од тимот на „Red Dot“ истакнуваат дека најголемото достигнување на авторите е тоа што роботските нозе за качување по скали ги претвориле во нешто што изгледа исклучително природно и човечки.
Проектот засега е во фаза на прототип, а не се познати ниту цената ниту датумот кога би можел да се најде на пазарот. Сепак, водачот на тимот, Такаши Нишимура, порачува дека „Toyota“ се трансформира во компанија за мобилност, чија цел е на сите да им овозможи слобода на движење.