26 април, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(21.01 – 25.01.2013)

 

 

Неделата што е зад нас, иако според остварениот промет забележа намалување во споредба со неделата пред неа од 21%, сепак донесе еден мал бран оптимизам на Македонската берза, барем кога се во прашање цените на акциите. Најдобро растот го отсликаа движењата на двата индекси на акции, МБИ10 имаше неделен пораст од +4,96%, а МБИД од +4,50%. Ако се погледне движењето на индексот МБИ-10 во последните месец дена тргување, воочлив е неговиот пад во само два трговски денови и пораст во вредноста од +12,60%, што после деветмесечниот континуиран пад кој започна од март 2012 година секако е едно пријатно освежување за инвеститорите.

Прометот овојпат беше концентриран во тргувањето со акции (95% од реализираниот промет во редовното тргување), а според остварениот промет повторно се издвои „големата тројка“ – Комерцијална банка Скопје реализираше вкупен промет од 12,8 милиони денари, Алкалоид Скопје 4,9 милиони денари а Македонски Телеком Скопје 2,7 милиони денари. Со промет од над 1 милион денари беа уште и акциите на Бетон Скопје, Гранит Скопје, Макстил Скопје и Единство Тетово.

 Поединечно најголем неделен пораст за периодот понеделник – петок реализираа акциите на Окта Скопје со 38,99% (на аукцијата на Фондот ПИОМ што се одржа на 11.01.2013 година, акцијата на Окта Скопје се тргуваше во распон од 410 до 550 денари, а веќе во петокот нејзината цена достигна 1.041 денар на берзата), понатаму на Бетон Скопје од 30,56%, на Арцелормиттал Скопје (ЦРМ) Скопје од 20,00%, на Макстил Скопје од 17,35% и на Макпетрол Скопје од 16,95%. Кај некои од овие акции растот беше постигнат со минимален промет, па така Макпетрол Скопје растот го реализираше со истргувани 8 акции во 4 трговски денови и промет од 107.870 денари, а Арцелормиттал Скопје (ЦРМ) Скопје имаше пораст со истргувани 614 акции и промет од 36.700 денари. Затоа обсервацијата на растот треба да биде многу внимателна, бидејќи и покрај ниските ценовни нивоа на пооделни акции и слабата понуда на акции за продажба, експлозивниот раст може да заврши во моментот кога ќе се појават нешто поголеми продажни количини и кога ќе се јави проблем со абсорпција на истите.

 

На регионалните берзи: по достигнувањето на едногодишниот максимум пред десетина дена, словенечкиот SBI10 неделата ја заврши со благ пад од -0,50%. Crobex забележа пораст од +0.56%, Белградскиот Belex забележа исто така пораст од +2,57%, додека софискиот Sofix, слично како и МБИ-10 имаше силен раст од +5,89%.

Американски индекси останаа при своите петгодишни максимуми, дел од нив достигнаа и нови, па така.DOW JONES имаше неделен пораст од +1,80%, NASDAQ од +0,48% а S&P 500 раст од +1,14%. DAX забележа мал пад од +1,41% на неделно ниво, FTSE 100 ја затвори неделата со раст од +1,67%, додека францускиот CAC 40 имаше раст од +0,40%. NIKKEI 225 имаше неделен пораст од +1,65%, HANG-SENG неделата ја заврши со благ пад од -0,04%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП