28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд каде да се најдат над 10 илјади работници, од регионов, од...

Од каде да се најдат над 10 илјади работници, од регионов, од Кина или да се вработат невработените?

Од регионов или од подалечните краиша од светот? Што ќе биде поисплатливо или кого полесно ќе убедиме да дојде и да работи во Македонија? Колку работници ни требаат? Може ли да се задржат малкуте работници кои останаа во земјава. Ова се клучните прашања на кои со години не можат да најдат одговори стопанствениците но и властите во државава.

Конечно на некој од Владата му текна да разговара за деценискиот проблем со недостатокот на работен кадар во земјава. Работодавачите велат дека веќе е доцна да се гледа на овој проблем само површно. Работата е многу сериозна, за брзо време ќе нема кој да работи во фабриките во земјава. Пред години наназад, одговорите на министерите по основ на прашањето за увоз на работна сила беа дека во Македонија нема општествена клима за тоа прашање, веќе властите самите се свесни дека потребно е да се либерализира пазарот на труд во земјава, велат од Организацијата на работодавачи. Стопнаствениците се на став дека актуелниот закон за вработување на странци е ригиден, и не дозволува голем број на странски државјани да ги пополнат слободните работни места во земјава.

„Во постоечкиот закон има одредени квоти и ако тие квоти се пополнат, не може потоа ниту еден странец да се вработи во Македонија, и тоа е страшна работа. А фактите покажуваат дека и во Бугарија и во Србија имаме странци кои што работат. Мораме да го либерализираме пазарот на труд, сакале или не тоа ќе биде за брзо време. И на тој начин ќе можеме да ја задржиме економијата“, велат од Организација на работодавачи.

Од Владата пак најавија дека со работодавачите и стопанските комори, со заеднички сили ќе утврдуваат, кои сектори од економијата се најмногу погодени од недостатокот на работна сила. Приоритет ќе биде ставен на работниците од регионов, но не се исклучува можноста и за увоз на работници од Кина и од останати други подалечни држави каде „работната рака“ е доста поевтина.

„Ќе отвориме цела една дискусија со организациите на работодавачи и стопанските комори да видиме дали и кои сектори се најповеќе погодени и како треба тоа да го насочиме, за недостигот на работна сила и справувањето со истиот, да биде контролирано ако веќе треба да имаме увоз на работна сила и да видиме дали може да се олеснат одредени процедури, затоа што сметаме дека само така економијата во одредени сектори можеме да ја задржиме како конкурентна“, велат од Владата.

Од Сојузот на синдикати на Македонија пак велат дека првично треба да се разговара како да се задржат работниците во земјава, како да им се зголемат платите на вработените, проценките на синдикалците се дека во земјава недостасуваат 11 илјади работници, како во приватниот така и во јавниот сектор. Нивните информации се дека голем дел од вработените во текот на летните месеци земаат неплатен одмор и заминуваат да работат во странство. И тоа го прават луѓето бидејќи со овие плати не се издржува, се жалат синдикалците.

„Со тие плати кои нашите граѓани ќе ги земат во странство, градиме туѓи економии, градиме туѓи држави. Луѓето кои работат сезонски, заработуваат неколку илади евра за тие месеци и потоа со тие пари преживуваат до следното заминување. Владата мора да поработи на тие вработени или тие невработени кои изнесуваат 14 отсто. Има обуки, доквалификации, да им се понуди работа, како во приватна фирма така и во државна институција. Да ги искористиме нашите човечки капацитети. Пред се, да ги задржиме тука младите и тогаш нема да треба да увезуваме работници од странство, бидејќи тогаш губат сите“, велат од ССМ.

Последниве неколку дена во Агенцијата за вработување има отворено огласи за вработување за речиси 8000 граѓани. Се бара секаков тип на професии, од малопродажба, угостителство, градежни работници, па се до маркетинг менаџери, инжењери, професори, програмери и останати профили чии плати надминуваат и две месечни просечни плати во земјава. Стопанствениците со години алармираат дека многу сектори имаат дефицит на работници, а особено кај техничките дејности, занаетите, но се почесто недостасуваат и вработени во здравството, образованието и во државната администрација. Властите овој проблем се обидуваат да го решат и преку воведувањето на дуално образование, каде средношколците освен што одат на училиште посетуваат компании од каде учат за практичната работа и имаат големи шанси да се вработат во таа компанија каде што го учеле занаетот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП