3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Краљево – Цената на лесен авион кој се произведува во Краљево незначително е повисока од цената на малку подобар луксузен автомобил и затоа побарувачката е се поголема. Сепак, иако има и атрактивен производ и купувачи, фабриката работи на граница на рентабилноста, пренесе РТС. За да се направи еден лесен авион треба месец дена. Дури ни тогаш авионот не се испорачува на купувачите. Пред тоа треба да се направат низа тестови на земја и во воздух. Во летечкиот картон на секој авион запишани се барем 50 часа летање пред да се достави на купувачот.

Белград – Просечната нето плата во Србија исплатена во август 2013 година изнесувала 44.770 динари, соопшти Републичкиот завод за статистика. Тоа е номинално повеќе за 1,3 отсто од јулската плата, а реално повеќе за 0,9 отсто. Во споредба со просечната нето плата исплатена во август 2012 година, нето платата била номинално поголема за 6,3 отсто, а реално помала за 0,9 отсто.

Белград – Железници на Србија и компанијата Сименс потпишаа договор вреден 11,85 милиони евра за набавка на опрема и изведување на работи на Коридорот 10 од Грција до Параќин. Првите изведби на реконструкција и модернизација на електротехничките постројки ќе почнат веќе во октомври. Договорот во Белград го потпишаа генералниот директор на железници Драгољуб Симоновиќ и директорот на Сименс во Србија Тихомир Рајлиќ. Проектот се финансира со средства од кредит на Европската инвестициска банка.

Подгорица – Црна Гора ќе даде лиценца за мобилна телефонија и четврт оператор, најави Агенцијата за електронска комуникација. Како што е соопштено, интерес за нов оператор изразија Телеком Италија и една компанија од Русија. Во Црна Гора сега работат три оператори на мобилна телефонија – Теленор (поранешен Про Монте), Телеком и М-тел, чиј сопственик е Телеком Србија.

Подгорица – За стечајната управа на Комбинатот за алуминиум Подгорица (КАП) се пријавиле 2.236 доверители, кои вкупно побаруваат околу 459,4 милиони евра, пренесоа медиумите. Рочиштето за испитување на побарувањата закажано е пред Стопанскиот суд за 7 октомври, а тогаш треба да се утврди конечната листа на сите побарувања. Стопанскиот суд на Црна Гора, претходно на барање на стечајниот управник на КАП Веселин Перишиќ, го одложи рочиштето за испитување на побарувањата, кое беше закажано за 15 септември.

Љубљана – Словенечката Фруктал во сопственост на српската компанија Нектар, претстави нов погон за линијата Тетра еџ, пишува Финанс. Се работи за инвестиција вредна 3 милиони евра и прва линија од тој тип во Европа и светот. Амбалажата е наменета за патници, а во компанијата најавуваат и целосно нови производи. Новиот погон во Ајдовшчина е прва поголема инвестиција на Нектар, која во декември 2011 година од Пивоварна Унион купи 94 отсто од Фруктал за 35,5 милиони евра.

Љубљана – Компанијата Дренк НД од Белград заинтересирана е за купување на словенечката Палома, а во игра се и компании од Словенија и Италија, пишува Новости. Повторената постапка за продажба на позната компанија Палома, наскоро треба да почне, а речиси е сигурно дека за купување на оваа компанија повторно ќе се натпреварува српската фирма и една словенечка компанија. Двете фирми биле во потесниот избор во претходната пропадната постапка во 2011 година, а сега е заинтересирана и една непозната италијанска компанија. Во продажната постапка кон крајот на 2008 година, за купување на Палома учестувале и унгарската Пејпер енд мор и швајцарската Хорген.

Никозија – Состојбата се промени: бројот на доверителите и големите штедачи во текот на спасувањето на банките на Кипар го изгубија својот имот, но преку ноќ станаа акционери. На крајот пред сите Русите станаа победници. – Кипар и посебно правниот систем на Кипар, се благонаклонети кон странските инвеститори. Инвеститорите од целиот свет, без оглед на тоа дали се работи за Јужна или Западна Европа, Африка или Азија, тука ги вложуваат своите пари. Исто како и од Русија. Руските претприемачи, освен тоа, Кипар ја гледаат како отскочна даска за останатите пазари – вели Михаел Соболев, руски финансиски советник од Лимасол.

Онтарио – Во светот одекна веста дека компанијата Блекбери нашла купувач и дека ќе се продаде за 4,7 милијарди долари. Сепак, аналитичарите велат дека тоа сеуште е неизвесно. Групата Ферфекс, најголем акционер на канадската компанија и потенцијален купувач, за сега потпишала само писмо за намери, во кое се наведува дека прва на ред е контролата. Волстрит Џорнал истакна дека во тој документ практично пишува – ќе ја купиме вашата куќа од милион долари која се руши, но не додека не ја прочешламе, патем можеби и немаме пари цела да ја купиме. – Се што пишува во писмото за намери е дека Ферфекс ќе ја купи Блекбери кога ќе ги прегледа книгите – пишува Ролф Винклер.

Вашингтон – Технологијата и дигиталните пари од темел го променија начинот на работење, а нов доказ стигна неодамна – пет милисекунди на некого донеле милиони долари. Минатата среда Фед прилично неочекувано објави дека нема да ја менува својата програма за купување на обврзници, а очекувано, пазарот речиси целосно мируваше додека се чекаше одлуката. Како што пишува СиЕнБиСи, веста за одлуката од тој момент на објавувањето до Чикаго стигна за точно седум милисекунди. Меѓутоа, во тој период на чикашката берза објавена е трговија тешка 600 милиони долари. Тоа значи дека огромни средства ги размениле сопствениците, пред да дознаат помалку информираните трговци што одлучил Фед. А информацијата до нив стигнала по оптички кабел, практично со брзина на светлината.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП