28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа 20 години 150 илјади млади луѓе купиле карта во еден правец!

За 20 години 150 илјади млади луѓе купиле карта во еден правец!

Општата состојба во државата како на економски така и на политички план се повеќе ги охрабруваат граѓаните да заминат од Македонија, а особено тоа важи за младата популација. Во најновото истражување на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи се наведува дека во последниве 20 години дури 150 илјади млади луѓе од земјава на возраст до 29 години решиле да ја напуштат Македонија и среќата да ја побараат во странство. Високата стапка на невработеност токму кај младите луѓе, е една од клучните причини за иселувањето на младите луѓе од земјава.

Во истражувањето се наведени официјалните податоци на Државниот завод за статистика во кои се гледа дека лани стапката на невработени млади до 24 години лани се движела околу 20 отсто или без работа биле речиси 20 илјади граѓани кои се до таа возраст. Последните податоци кои пак Европската статистика ги објави за Македонија покажуваа дека пред три години, за без малку 10 отсто имало во земјава повеќе невработени луѓе до 24 годишна возраст. Во истражувањето стои и дека доколку одиме чекор понатаму, бројот на невработени на возраст до 34 години изнесува вкупно 32 451 лица, а тоа е бројка на активно население кое бара работа, а кое е во години погодни за преквалификација, доквалификација, отворање на сопствени бизниси и други типови на поддршка од страна на државата. Но, од друга страна пак пописните резултати укажуваат на многу јасен тренд на мигрирање на младите во изминатите 20 години. Од 2002 до 2021 година, вкупниот број на млади на возраст од 15 до 29 години е намален за 150 000 граѓани. Во 2001 бројот на млади на возраст 19-29 години бил 480.828 или 24% од вкупното население, додека 2021 година се 326.733 18% од вкупниот број на населението.

„Ваквиот тренд укажува на тоа дека населението во земјава старее. Загрижува и добро познатиот тренд на заминување на младите (brain drain), односно според пописот од 2021 година, околу 100.000 граѓани, кои во 2002 година биле на возраст од 15 до 29 години, а денес би имале 29 до 35 години, не живеат во државата. Истиот тренд провејува и во категоријата деца на возраст од 0 до 9 години од 2002 година, кои денес би имале 20 до 29 години, 16% од оваа група недостасува во последните пописни резултати од 2021 година. Што се однесува до состојбата и кростабулациите млади, невработени и степен на образование, според достапните податоци младите на возраст од 15-24 години најмногу се вработени во средно квалификуваните занимања и тоа речиси 70% од вкупната вработеност на младите за годината 2019. Останатите вработени млади се еднакво распределени меѓу високо и средно квалификуваните работни места, односно највисоката стапка на невработени млади од 15 до 24 години, со преку 40%, е онаа категорија кои завршиле универзитетско образование“, стои во истражувањето.

Во меѓувреме, во последните десет години, понудата на високо образование значително е зголемена што логично доведува и до значителни промена во образовните категории како кај вработените, така и кај невработените млади. Процентот на лица на возраст од 30 до 34 години кои се стекнале со универзитетска диплома од 14,3% во 2009 година се удвоил на 35,7% во 2019 година како резултат на либерализираните уписи и понуда на универзитетско образование.

Во однос на младинската сиромаштија, евидентна е сиромаштијата кај младите вработени кои се нискоквалификувани пред се, а кои се најафектирани во категоријата вработени, а сиромашни или изразено во проценти 8,4%, овој податок е од 2019 година.

Дел од клучните параметри кои мора да се земат предвид како индикатор на тоа како размислуваат младите и каква е нивната перцепција и учество во општествениот живот се и социоекономските. За жал, сите последни кредибилни истражувања за млади покажуваат апатичност, незаинтересираност, а последните години и безнадежност што е уште позагрижувачки. Загрижувачки е податокот кој вели дека само 13% од младите сметаат дека земјата се движи во правилна насока, а 55% во погрешна. Според истото истражување само 3 од 10 млади сметаат дека за 5 години од денес државата ќе биде многу или делумно подобро место за живеење на младите, а во случај да имаат можност, речиси 6 од 10 млади луѓе би се иселиле од државата. Ова зборува доволно со какви трендови и сериозни предизвици, во делот на потребата од работна сила, би се соочиле како земја во следната деценија, од една страна при планирање на реформите во образованието, со цел продуцирање на квалификувана работна сила, а од друга страна потребите на реалниот сектор и економскиот раст и развој на државата.

„Одливот на високо квалификувана работна сила од земјата, што неминовно ќе доведе до загрозување и намалување на квалитетот на услуги и производство во стратешки области и индустрии на земјата. Најголемиот број на слободни работни места се во услужната дејност и продажба која се карактеризира со ниски плати, несигурно вработување, неизвесност, нефлексибилност, отсуство на формално работно место, неволно привремено вработување и вработување на скратено работно време што се коси со концептот на пристојна работа. Невработеноста кај младите и покрај оперативните планови за вработување и вложените средства не бележи пад, особено не системски што укажува на тоа дека можеби програмите што се дизајнирани не соодветствуваат на потребите на младите, не се соодветно имплементирани или се неефикасни. Младите кои се подолго време невработени со тек на време ги губат стекнатото знаење и вештини, а статусот на невработени (издржувани) лица влијае на нивното ментално здравје и самодоверба. Дополнително, заради ограниченоста на комуникација, нивниот социјален капитал и положба во општеството станува многу скромна и ранлива. Добро планирана и сеопфатна реформи на образовниот систем со цел да се пресретнат потребите на пазарот на труд како и професиите на иднината преку концептот. Доследна имплементација на законот за високо образование, особено во делот на спроведување на реална и функционална пракса, практикантство и практична работа ,,учење преку работа“, ова се клучните наоди од истражувањето.

Ова истражување има за цел да постигне подигнување на јавна свест за проблемот со младинска невработеност, утврдување на пречките кои постојат на пазарот на труд, олеснување на вклучувањето на младите на пазарот на труд преку поголемо јавно говорење и застапеност на темата за младинска (не)вработеност во јавноста како и утврдување на клучни мерки преку заклучоци и препораки за долгорочни ефекти и најдобри резултати при младинското вработување.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП