22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопјанец со највисок бруто-доход во 2021 година, пријавил 4 милиони евра

Скопјанец со највисок бруто-доход во 2021 година, пријавил 4 милиони евра

Даночните пријави што минале низ системот на Управата за јавни приходи покажуваат дека најмладиот милионер во Македонија во 2021 година имал осум години. Директорката на управата за јавни, Сања Лукаревска, денес ги соопшти резултатите од анализата на годишните даночни пријави за 2021 година.

„Во категоријата најмлад и највозрасен милионер, лице што во 2021 година било на 8-годишна возраст остварило доход од 1.020.508 денари по основ на семејна пензија, а лице на 96 години остварило доход во износ од 1,2 милион денари. Кај двете лица најголемиот приход е остварен по основ на пензија“, рече директорката Лукаревска.

На врвот на листата со пријавен годишен бруто-доход од 244,2 милиони денари за 2021 година е граѓанин од Скопје, најголем дел од примања е од плата и дополнителни примања од странство по основ на други лични примања.

Највисоката годишна бруто-плата во 2021 година е исплатена кај граѓанин од Скопје. Платата е остварена во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 122, 3 милиони денари.

На листата на највисоко рангирани бруто-плати се најдоа и платите исплатени во производство на метални производи, одгледување свињи, болници, трговија со фармацевтски производи, управувачки дејности, компјутерско програмирање.

Највисокото лично примање по основ на извршена работа изнесува 121,8 милион денари на годишно ниво, доход остварен во странство.

Граѓани од Скопје во 2021 година ја оствариле и највисоката капитална добивка во износ од 130,1 милион денари од продажба на сопственички удел, а највисоката исплатена дивиденда во износ од 203 милиони денари му е исплатена на граѓанин на Велес од исплатувач чија дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалаци и тутун.

На врвот на листата за остварување доход од самостојно вршење дејност повторно се скопјани. Највисокиот износ е 102,4 милиона денари. Во десетте топ-рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија, трговија на мало со делови на моторни возила, малтерисување и производители на амбалажа од хартија.

Жител на Ресен со 12,6 милиони денари остварил највисок доход од продажба на земјоделски производи.

Скопјанец остварил највисок бруто-доход од закуп и подзакуп на имот за издавање земјиште, станови, деловни простории, превозни средства и друг вид имот, кој изнесува 37 милиони денари.

Скопјанец е прворангиран и за остварен бруто-доход од авторски права и други стварни права во износ од 22 милиона денари.

По основ на право од индустриска сопственост исто така е граѓанин на Скопје, кој остварил бруто-доход од 5,5 милиони денари.

По основ на игри на среќа на жител на Скопје му се исплатени 41,1 милион денари од Државната лотарија, а второрангираниот во оваа категорија, кој исто така е од Скопје, остварил добивка од игри на среќа, главно од обложувачници, во износ од 31,3 милион денари.

Најбогат пензионер е скопјанец со пријавена странска пензија во износ од 5,8 милион денари на годишно ниво.

Највисок годишен бруто-доход по основ на уплатени премии и исплатена осигурена сума во износ од 2,9 милиона денари остварило лице од Тетово.

Директорката Лукаревска најави дека деновиве почнуваат со генерирање на даночните пријави за 2022 година и апелира граѓаните да ги потврдат и коригираат.

Анализата на Годишните даночни пријави за 2021 година можете да ја погледнете тука.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП