На светските берзи цените на нафтата останаа речиси непроменети минатата недела бидејќи се поддржани од најавата на Русија за намалување на извозот, а, од друга страна, се притиснати од забавувањето на растот на светската економија.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за само 16 центи, на 83,16 долари, додека на американскиот пазар барелот се намали во просек за 2 центи, на 76,32 долари.
Поддршка за цените даде веста дека во март Русија ќе го намали извозот од западните пристаништа и до 25 отсто, што би го надминало претходно најавеното намалување на производството за 500.000 барели дневно.
Од друга страна, цените се под притисок бидејќи растот на најголемите светски економии забавува, имајќи предвид дека централните банки веќе подолго време ги зголемуваат каматните стапки за да ја ограничат инфлацијата. А забавувањето на економскиот раст доведува до зголемување на залихите.
Така, беше објавено дека залихите на сурова нафта во Соединетите Американски Држави пораснале за дури 7,6 милиони барели минатата недела, на највисоко ниво од мај 2021 година.
Залихите постојано се зголемуваат од средината на декември, што укажува на слабеење на побарувачката. И тој тренд најверојатно ќе продолжи бидејќи станува се појасно дека американската централна банка, Федералните резерви, ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки, имајќи предвид дека инфлацијата е сè уште висока.
Сега се проценува дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки уште најмалку два или три пати, до 5,35 отсто до јули, а цената на парите би останала на тие нивоа до следната година.
Во поново време, инвеститорите се надеваа дека основната каматна стапка на ФЕД може да остане под пет проценти и дека ФЕД ќе започне циклус на намалување на стапката на крајот на годината. А сето тоа го поддржува растот на курсот на доларот, што исто така негативно влијае на побарувачката на нафта, бидејќи ја намалува куповната моќ на купувачите со други валути.
Поради сето наведено, цената на нафтата падна во првите два месеца од годинава. Во моментов цената на барелот на лондонскиот пазар е во минус од почетокот на годинава за околу 3,2, а на американскиот пазар околу пет отсто.