6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШест од 10 граѓани за минимален попуст не бараат фискална сметка!

Шест од 10 граѓани за минимален попуст не бараат фискална сметка!

Еден од најголемите проблеми на македонската економија и натаму останува работата на црно. Дури една третина од прометот кој се остварува во државава не се евидентира. Тоа е проблем, но и потврда и за нивото на развој на државата. Најголем дел од граѓаните биле во контакт со сивата економија, а добар дел од нив не ја осудуваат туку ако е во нивна корист и редовно би ја применувале. Итражувањата покажуваат дека државата треба да се посвети повеќе, ако не може да ја искорени барем да ја намали сивата економија. Наместо високи казни, властите да се обидат со стимулативни мерки неформалните дејности да ги направат формални.

Организацијата УНДП со години работи на подобрување на состојбите со сивата економија во земјава. Најголем акцент во нивните истражувања има во делот на утврдување на факторите и ризиците за самата појава на неформалната економија, потоа нејзино мерење и мониторинг, но и креирање на политики за нејзино намалување. Во нивните истражувања се земени последните 30 години и утврдени се големи ризици за појавување на сивата економија. Како главни ризици прво се наведуваат економските причини, а особено во последниве години со пандемијата и инфлацијата, кои предизвикаа голем јаз и тоа всушност е клучната причина за зголемување на неформалната економија. Вториот фактор кој се детерминира е долгорочната невработеност, односно тоа се луѓе кои се демотивирани да бараат работа на формалниот пазар на труд. Истражувањата покажуваат дека најчесто тоа се работници кои што ги изгубиле своите работни места во 90те, во транзицискиот период кога државните фирми се приватизираа на еден сомнителен начин. Но, секако и помлади граѓани кои неколку пати се обиделе да најдат работа но биле одбиени.

„Тоа што го забалежавме во студијата, во делот на неформалните вработувања, ние имаме сезонско циклично движење на овие неформални вработувања, односно во вториот и во третиот квартал од годината неформалните вработувања растат додека во првиот и во четвртиот дел од годината тие опаѓаат, што ни дава до знаење дека неформалната економија можеме да ја најдеме во сектори кои се сезонски или каде што требаат сезонски работници. Најчесто тоа се трговијата, угостителството и градежништвото, складирање, земјоделство, транспорт“, велат од УНДП.

Сивата економија се мери преку директна и индиректна методологија. Првата е поврзана со мерења преку анкети, а втората пак преку разни мултифакторски методи како преку потрошувачката на електрична енергија, со циркулацијата на пари во готово. Сепак, позитивно во целата оваа ситуација е дека во последниве 10 години има некое благо намалување на сивата економија во земјава. Податоците велат дека има до 16 отсто неформално вработени граѓани, над 60 отсто од работниците на црно се жени, и се двојно повеќе од мажите кои работат во неформалната економија. На ваков начин губи и државата но губат и поединците. Државата губи јавни приходи, се губи стимулацијата, мотивацијата, се губи конкурентноста во бизнис секторот, работниците немаат здравствено, пензиско осигурување, никој на тие работници не им гарантира дека утре нема да останат без работа.

 „Генерално, перцепцијата на граѓаните, или тоа што го заклучивме од анализата е дека граѓаните се дури подготвени да платат во кеш доколку им  се понуди некој попуст на производот што сакаат да го купат. Така да, 60 отсто од граѓаните се подготвени да платат во кеш и без да добијат фискална сметка само да имаат попуст од 20 отсто, додека 40 отсто би ја платиле регуларната цена за да добијат и фискална сметка. Обработивме и податоци кои покажуваат кој е мотивот да се влезе во неформалната економија, а тие кажуваат дека 30 отсто од граѓаните велат дека нивно вклучување во неформалната економија е сиромаштијата, потоа 22 отсто од анкетираните сметаат дека корупцијата е главен мотив да се влезе во неформалната економија, 14 отсто ги потенцираат високите даноци и пет отсто сметаат дека казните кои се препишани за вршење на неформална дејност се многу ниски“, наведуваат од УНДП.

Владата има акциски план со шест приоритети кои содржат одредени мерки и активности како што се унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сива економија, ефикасни инспекциски служби, подобро деловно окружување за основање, раст и развој на компаниите јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночен морал, адресирање на сивата економија во е-трговија, мерки на Царинската управа во борбата против неформалната економија.

„Усвојувањето на овој акциски план е резултат на заложба на државата да ја сведе сивата економија на ниво што е социјално и економски прифатливо, имајќи во предвид дека нема земја каде што сивата економијата, како феномен, не постои. Одговорност е на државата да ја подобрува правната и економска околина во која најлесен и најисплатлив начин за развој на бизнисите е легалното работење, водејќи се по принципите на рамоноправност, објективност и транспарентност, преку обезбедување на јасни прописи и правила лесни за следење и почитување, како и обезбедување на санкции за оние кои не ги применуваат и почитуваат“, велат од владата.

Експертите посочуваат дека треба да се работи на даночниот морал кај граѓаните и компаниите. Тоа што државата не остварува приходи по оснос на платени даноци, не може да се реализираат капитални инвестиции во патната инфраструктура, во здравството, во образованието а тоа ги прави граѓаните незадоволни од услугите и имаат недоверба во институциите.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП