11 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа натамошен успех на Гаранцијата за млади неопходна е поголема активација на...

За натамошен успех на Гаранцијата за млади неопходна е поголема активација на невработените млади лица и теренска работа

Северна Македонија е предводник меѓу државите од Западен Балкан во спроведување на рамката на политики Гаранција за млади, која овозможува младите лица до 29 години кои не се вработени, да се вклучат во некоја од активните програми за вработување.

Гаранцијата за млади од 2014 година е главната рамка на политики во земјите членки на ЕУ за вработување на младите. Македонското искуство во спроведувањето на Гаранцијата за млади беше презентирано пред претставниците на надлежните државни институции од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, во рамки на студиската посета и конференцијата што се одржува на оваа тема во Скопје.

„Посебно сме горди што Република Северна Македонија е првата земја надвор од  ЕУ која од 2018 година во континуитет успешно го спроведува проектот Гаранција за млади. Од воведувањето до денес, над 80.000 млади лица се вклучија во Гаранцијата за млади. Речиси 40% од учесниците во проектот добија понуда за вработување, континуирано образование и обука, и беа вклучени во практикантство, што се смета за позитивен исход. Пристапот во справување со невработеноста на младите лица на пазарот на трудот покажа видно подобрување на состојбите со вработувањето на младите во нашата земја“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

На конференцијата беа презентирани искуствата од некои земји членки на ЕУ, конкретно од Ирска, Естонија и Шведска, во однос на начинот како функционираат нивните системи за идентификација, вклучување и индивидуална поддршка на младите луѓе кои се долгорочно невработени или неактивни поради нивната неповолна положба на пазарот на трудот.

Гаранцијата за млади повеќе од осум години успешно се спроведува ширум Европската Унија. Таа им помага на младите луѓе да стекнат вештини кои се потребни на денешниот пазар на труд, со што се намалува невработеноста. Северна Македонија беше првата земја надвор од ЕУ која започна со имплементација на Гаранцијата за млади во 2018 година. Добро е да се види дека сите партнери од Западен Балкан сега ја прифатија иницијативата и почнаа да работат на развивање на шеми за младински гаранции во своите земји“, рече амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.

Северна Македонија го започна спроведувањето на Гаранцијата за млади во 2018 година, најнапред како пилот-проект во неколку општини, а од 2020 година и на целата територија на земјата. Меѓународната организација на трудот, преку Инструментот за техничка помош на ЕУ/МОТ, во континуитет обезбедува поддршка во планирањето, следењето и прегледот на спроведувањето на Гаранцијата за млади

„Северна Македонија покажува добри резултати во спроведувањето на Гаранцијата за млади. МОТ и понатаму ќе ја нуди својата експертиза и поддршка за да се овозможи натамошно унапредување на имплементацијата на оваа мерка во земјата. Досегашните искуства во нејзиното спроведување покажуваат дека за да се постигнат резултати неопходна е силна меѓуминистерска соработка и партнерство со граѓанските организации, синдикатите и организациите на работодавачи. Законодавно усогласување, како и поголема дигитализација на јавните служби за вработување, се клучен фактор за успех“, вели Емил Крстановски,национален координатор на МОТ.

Според податоците на Агенцијата за вработување на Северна Македонија, во текот на 2022 година, бројот на млади лица до 29 години кои влегле во Гаранцијата за млади бил 20.185, а од нив 8.706 или 43% се вработиле или се стекнале со вештини преку обуки, што претставува продолжување на успешниот тренд на имплементација на оваа рамка евидентиран во претходните години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП