3 мај, 2024
ПочетнаСВЕТНова непредвидлива трка за нуклеарно вооружување?

Нова непредвидлива трка за нуклеарно вооружување?

Ризикот од употреба на нуклеарно оружје расте бидејќи Путин го поткопува најновиот договор со САД, кој може да ги охрабри другите сили како Кина, Индија и Пакистан да ги прошират своите нуклеарни арсенали.

Последниот преостанат договор за ограничување на руското и американското нуклеарно оружје веќе беше во голема опасност дури и пред претседателот Владимир Путин вчера да објави дека Москва го суспендира своето учество.

Сега штетата може да биде непоправлива, што го зголемува ризикот од нова трка во вооружување – истовремена со војната во Украина – во која ниту една страна не може да се потпре на стабилната, предвидлива рамка што ја обезбедуваат нуклеарните договори повеќе од 50 години.

Безбедносните аналитичари тврдат дека ова може во голема мера да ја искомплицира деликатната пресметка што лежи во основата на меѓусебниот договор за одвраќање меѓу двете земји, истовремено охрабрувајќи ги другите сили како Кина, Индија и Пакистан да ги градат своите нуклеарни арсенали.

Во големиот говор речиси една година по инвазијата на Украина, Путин рече дека Русија не се откажува од новиот договор СТАРТ – кој беше потпишан во 2010 година и кој го ограничува бројот на распоредени стратешки нуклеарни боеви глави од Русија и САД.

Сепак, нуклеарните експерти посочуваат дека во договорот нема одредба за „суспендирање“ на учеството на која било страна – како што Путин го окарактеризира потегот на Москва – туку дека постои само опција за повлекување од него.

Путин рече дека ќе се врати на разговорите само кога ќе се земе предвид француското и британското нуклеарно оружје – услов за кој аналитичарите тврдат дека е неприфатлив, бидејќи Вашингтон се противи и бара целосна промена на содржината на договорот.

Вилијам Алберк, директор на Одделот за стратегија, технологија и контрола на оружјето на Меѓународниот институт за стратешки студии, рече дека Русија одлучила дека може да живее без нов СТАРТ, но се обидува да ја префрли вината на Вашингтон. „Тие веќе одлучија дека договорот ќе умре. Тие ќе направат напори за тоа да ги обвинат САД“, рече тој во телефонски разговор со Ројтерс.

Договорот го ограничи бројот на боеви глави по проектил што секоја страна може да ги распореди, така што неговото укинување веднаш може да резултира со повеќекратно зголемување на боеви глави, додаде Алберк.

Според Здружението на американски научници, Русија има околу 5.977 нуклеарни боеви глави, додека САД имаат 5.428.

„Двете страни веднаш би можеле да одат од 1.550 распоредени стратешки боеви глави на 4.000 – ова може да се случи во текот на ноќта“, рече Алберк за британската агенција.

Ова може да доведе до понатамошна дестабилизација бидејќи создава дилема „искористи го или изгуби“ во која густите концентрации на противнички боеви глави претставуваат поатрактивни цели, рече тој.

Путин го оправда потегот на Русија, велејќи дека е „апсурдно“ што САД бараат право да вршат инспекции на руски нуклеарни локации, што е предвидено во договорот, додека НАТО и помага на Украина да ги нападне.

Тој очигледно зборуваше за декемвриските напади на аеродромот Енгелс во близина на Сератов, каде се сместени руските стратешки бомбардери, а за кои Москва ја обвинува Украина. Путин, без да презентира докази, рече дека специјалистите на НАТО „опремиле и модернизирале“ беспилотни летала за да извршат напади.

Украина јавно не ја презема одговорноста за нападите на руска територија.

Џејмс Камерон од нуклеарниот проект во Осло изјави за Ројтерс дека доколку се укине новиот СТАРТ, тоа би значело враќање на шпекулациите од Студената војна за способностите и намерите на непријателот.

„Значи, имате многу нестабилни односи каде двете страни дејствуваат според најлошото сценарио, додавајќи уште понапредни системи и планови за нивно користење, а тоа на крајот води до уште понестабилна ситуација меѓу двете страни и исто така поголем ризик за некаков вид употреба на нуклеарно оружје“, изјави Камерон за британската агенција.

И двајцата аналитичари рекоа дека е вознемирувачко што Путин ја спомна можноста Русија да ги рестартира тестирањата на нуклеарно оружје, иако тој рече дека Москва нема да преземе таков чекор доколку Вашингтон не го направи тоа прво.

Тие веруваат дека тоа би можело да го отвори патот Путин да го обвини Вашингтон дека спроведува или подготвува тест за да го оправда таквиот потег.

Ако го стори тоа, тоа ќе биде прв тест на Москва од ваков вид од 1990 година, годината пред распадот на СССР. Алберк истакна дека САД и Советскиот Сојуз извршиле нуклеарни тестови за време на Студената војна „за да си покажат кога се лути“.

Камерон рече дека секој руски тест ќе се смета за ескалација во Украина и „обид да се покаже поголема подготвеност за употреба на нуклеарно оружје“ во контекст на војна. Во 12-те месеци од почетокот на инвазијата, Путин постојано го потсетува Западот дека Русија има оружје за масовно уништување и го прошири својот нуклеарен чадор во областите на Украина кои Москва ги прогласи за своја територија.

Во случај Новиот СТАРТ навистина да пропадне, или двете страни да не го обноват пред да истече во февруари 2026 година, тоа ќе го означи крајот на половина век договори за контрола на оружјето меѓу двете страни и ќе испрати сигнал до другите постоечки и идните нуклеарни сили.

„Каква порака би била тоа за Индијците и Пакистанците, што би направила Кина“, рече Алберк. „Ова може да биде поопасно од Студената војна бидејќи можеме да имаме повеќе играчи во трката, а тоа би било страшно за глобалната безбедност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП