6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПадот на цената на гасот на берзите не го промени критериумот „фиксна...

Падот на цената на гасот на берзите не го промени критериумот „фиксна цена“ на тендерот на ЕСМ!

Цената на природниот гас на берзите е во слободен пад но ЕСМ и за следниот месец има намера да набави количество кое ќе го плати со фиксна цена. По реакциите во јавноста државната компанија нема намера да ја промени одлуката иако тоа ја чини доста поскапо. ЕСМ природниот гас овој месец гасот го плаќа речиси 100 долари за мегават час, а последниве денови на берзите се продава по цени кои се за 50 отсто пониски.

Денеска ЕСМ Продажба го објави повикот за снабдување со природен гас за март за топланите и други потрошувачи во државата. Според информациите кои пристигнаа од државните електрани објавен е јавен повик за прибирање понуди од домашни и странски лиценцирани фирми регистрирани за дејноста кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат потребна количина на природен гас. Тој треба да биде искористен за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останати потрошувачи на природен гас во земјава. Снабдувањето до корисниците ќе го врши токму ЕСМ Продажба.

„Јавниот повик трае од 21.2.2023 до 24.2.2023г и понудувачите на истиот треба да достават податоци за нивната понуда во однос на техничките карактеристики на гасот, земја на потекло, гаранција, фиксна цена за MWh, вкупна количина која се нуди и изјава од одговорното лице на понудувачот дека може да ги обезбеди наведените количини во периодот за кој се дава понудата, односно за месец март на точка на испорака главна мерна станица (ГМС) Жидилово Република Северна Македонија“, стои во Јавниот повик на ЕСМ

Во јавниот повик убаво стои дека и покрај драстичниот пад на цената на природниот гас на берзите, државата ќе набавува гас по фиксна цена, со образложение дека на тој начин ќе бидат сигурни колку ќе платат, односно ќе може да ги планираат трошоците.

„Цената е таква поради сигурноста, со тоа што берзанската цена е основна, додека стигне до местото на испорака има дополнителни трошоци по 4/5 точки што ја зголемуваат цената. На основната цена од берзата се додаваат и трошоци за регасификација, државни такси, закуп на капацитети и маржа на трговците и со тоа цената расте. Фиксната цена е задолжителен услов од причина што ЕСМ Продажба треба да има обезбеден буџет, да може да ја прифати понудата, да има пресметка за плаќање на природниот гас којшто го плаќа однапред и истиот да го испорача до другите потрошувачи кои ќе го купат од ЕСМ продажба, со маржа не поголема од 1%,, велат од ЕСМ.

Месецов ЕСМ набави  природен гас од бугарската компанија Јутилитис, по цена од 98,7 долари за мегават час, а пак на берзите овие денови цената е падната под 50 долари за мегават час. Како причини за ваквите движења на цените на природниот гас експертите ги наведуваат полните резервоари во Европа и слабата побараувачка. Но, ова намалување на глобално ниво за Македонија не значи никаква придобивка во моментов.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП