„Mercedes“ го претстави првиот „Maybach“ кој може да се приклучи на штекер.
Автомобилот ја има ознаката „Mercedes-Maybach S580e“ каде буквата „е“ во името се однесува на „plug-in“ хибридниот погон. Најголемата и веројатно единствената вистинска иновација се однесува на возењето.
Електрификацијата го натера и „Maybach“ да се „спушти меѓу смртниците“, односно на ниво од шест цилиндри.
Имено, во срцето на погонот е 3.0-литарски шестцилиндричен бензински мотор со 367 ks и 500 Nm, а поврзан е со електромотор кој произведува максимални 150 ks и 440 Nm.
Вкупната комбинирана моќност е 510 ks, а вртежниот момент достигнува 750 Nm, што одговара на обичниот „Mercedes S580e“.

Очекувано, перформансите се исти, што значи дека овој луксузен „крузер“ до 100 km/h достигнува за 5,1 секунда, а максималната брзина е ограничена на 250 km/h, односно на 140 km/h, доколку автомобилот се движи само на струја.
Автомобилот се испорачува со полнач со моќност од 11 kW, додека како опција е достапен и појак од 60 kW. Во вториот случај, батеријата од 28 kWh се полни за само половина час.
Електричниот опсег е 100 километри.
Се добива впечаток дека електрификацијата на „Maybach“ се случува некако срамежливо, па единствените знаци на препознатливост на електрифицираната верзија се сините детали во фаровите и отворот за полнење.
Внатре, единствената новина е индикаторот за статусот на батеријата на дигиталната контролна табла.
И една интересна работа. Овој модел ќе дебитира во Кина, потоа во Тајланд и дури потоа ќе дојде во Европа.
До крајот на годината ќе пристигне и првиот целосно електричен „Maybach“, најверојатно базиран на „SUV“ моделот „Mercedes EQS“.