2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија и Чешка ќе ја унапредуваат соработката во повеќе области

Македонија и Чешка ќе ја унапредуваат соработката во повеќе области

Flag-Pins-Macedonia-Czech-Republic

Македонската делегација која присуствува на првата седница на Заедничкиот комитет за билатерална економска соработка во Прага ги презентираше можностите за инвестирање во делот на енергетиката, минералните суровини и транспортот.

На седницата беа разменети искуствата меѓу двете држави за зголемување на соработката во областа на земјоделството, агроиндустријата, унапредувањето на животната средина и развојот на туризмот.

Во текот на вчерашиот ден беа остварени средби меѓу експертите од двете држави, кои во
три работни групи разговараа за интензивирање на трговската соработка и поттикнување на инвестициите на малите и средни претпријатија, јави дописникот на МИА.

Македонскиот заменик-министер за економија Христијан Делев, кој ја предводи македонската делегација, се сретна со директорот на енергетскиот оддел во чешкото Министерство за индустрија и трговија, Павел Гебауер.

Двајцата соговорници за особено значајна ја оценија соработката во енергетскиот сектор, развојот на малите хидроцентрали, ветерните електрани, сончевата и фотоволтаична енергија. Беше остварена и посета на чешката автомобилска индустрија „Шкода“ каде Делев разговараше со раководството на фабриката.

Во рамки на дводневниот состанок, копретседавачите на двете делегации, заменик-министерот за економија Христијан Делев и чешкиот заменик-министер за индустрија и трговија Милан Ховорка, ќе потпишат Протокол во кој ќе бидат утврдени насоките на идната економска соработка меѓу Македонија и Чешка.

Мешовитиот комитет произлегува од Договорот за економска и индустриска соработка меѓу Македонија и Чешка што беше потпишан на 10 февруари 2010 година во Прага, во рамки на официјалната посета на премиерот Никола Груевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП