„Со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, чија примена започна од почетокот на годината, се зголемува заштитата на правата на корисниците на платежни услуги. Давателите на платежни услуги се обврзуваат да ги уредат правата и обврските на потрошувачите со рамковен договор во стандардизирана форма, пред чие склучување се должни да им достават информативен документ за надоместоците, како и најмалку еднаш годишно да им доставуваат извештај за наплатените надоместоци. Давателите ќе имаат и обврска на редовна основа да доставуваат до Народната банка податоци за висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка, коишто на граѓаните ќе им бидат достапни на споредбена основа преку интернет-страницата на Народната банка. Се предвидува и дополнителна заштита во делот на неавторизирани трансакции“, посочува вицегувернерката Емилија Нацевска, во интервју за МИА.
„Новата регулаторна рамка сосема јасно ги уредува обврските на давателите на платежни услуги во сегментот на заштитата на правата на потрошувачите коишто произлегуваат од користењето на платежните услуги. За првпат во историјата на платежните услуги во нашата земја, со одредбите на новиот закон се воведува обврска за давателот на платежни услуги да ги уреди правата и обврските на потрошувачите со рамковен договор во стандардизирана форма, којшто треба да содржи задолжителен сет информации, како и можностите и условите под кои може да биде изменет или раскинат. Со овие одредби се постигнува поголема транспарентност на давателите на услугите и се обезбедува подобра информираност, правна сигурност и еднаков третман на потрошувачите“, вели Нацевска и додава дека новата регулаторна рамка на недвосмислен начин ги прецизира не само содржината на документите, туку и формата, роковите и начинот на достава.

