19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕЦБ денеска одлучува за каматните стапки - како ќе се одрази тоа...

ЕЦБ денеска одлучува за каматните стапки – како ќе се одрази тоа на нашите кредити

Дали и за колку повторно ќе се зголемат референтните каматни стапки, Европската централна банка (ЕЦБ) денеска ќе ја соопшти својата одлука. Имајќи предвид дека економските прогнози не беа премногу оптимистички во последните денови, предвидувањата се дека каматните стапки ќе се зголемат до 0,5 процентни поени и дека тоа нема да биде последното зголемување.

Европската централна банка (ЕЦБ) е подготвена да изврши уште едно големо зголемување на каматните стапки со цел да ја ограничи инфлацијата и тоа го најавуваше во претходниот период во неколку наврати. Каков и да е епилогот по оваа одлука, тоа ќе биде сигнал до Народната банка да дејствува во иста насока, како и досега.

ФЕД благо ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени, а сега се очекува и Европската централна банка да ги зголеми за 0,25 до 0,5. Тоа ќе биде мерка на монетарната политика која треба да обезбеди инфлацијата да запре и да почне да опаѓа и да сме сигурни дека сме на надолна патека.

Тоа несомнено ќе се прелее и на нашите кредити со девизна клаузула.

Се очекува намалување на инфлацијата, имајќи го предвид фактот дека паѓаат цените на енергијата и храната и дека паѓа побарувачката што врши притисок врз цените, а инфлацијата е генерално зголемување на цените на производите. Сега се очекува и двата притисоци да ослабат, па нема потреба монетарната политика да биде толку ригорозна, а ќе мора малку да се опушти поради заживувањето на економската активност.

Ова нема да биде последно покачување. Се очекува да има уште едно или две, но помали, не толку остри како што беа досега и не во толку кратки временски интервали. Но, сосема е сигурно дека порастот ќе продолжи се додека монетарните власти не се уверат дека инфлацијата е надмината, дека стагнира и оди надолу.

Кај Народната банка, не постои правило за монетарната политика, но ако се споредат податоците, нашата централна банка каматна стапка на благајничките записи ги држи за околу два процентни поени повисоко.

Треба да се очекуваат повисоки стапки

Меѓународниот монетарен фонд испраќа порака дека и покрај одредени знаци на подобрување на инфлацијата и економскиот раст, централните банки треба да продолжат да ја “држат ногата на кочница“ и да не се откажуваат во борбата против инфлацијата.

Зголемувањето на референтните каматни стапки во моментов е најсилното оружје на централните банки во борбата против инфлацијата.

Претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел неодамна посочи дека Европската централна банка (ЕЦБ) треба да ја зголеми основната каматна стапка неколку пати оваа година.

„На нашата средба во јуни мора да дадеме јасен сигнал каде одиме“, рече Нагел во интервју за германскиот магазин „Шпигел“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП