6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Висината на износот кој Србија го издвојува за разни видови субвенции за стопанството го изненади Александар Вучиќ и неговиот советник Доминик Штрос Кан. – Можам да ви кажам дека странците се вџашени од субвенциите кои ги издвојуваме, каде и колку ни оди – рече првиот потпретседател на Владата Александар Вучиќ, а пренесе Политика. Според извештајот на Министерството за финансии за државната помош за 2012 година, за таа намена се потрошени 88 милијарди динари, т.е. 777,96 милиони евра, што е 2,6 отсто од БДП или се што е создадено во таа година.

Љубљана – Од 1 октомври возењето на словенечките автопатишта нема повеќе да се наплатува по должината на возилото, туку по височината! Додека возачите за ниските автомобили ќе плаќаат 15 евра за седум дена, тие на кои висината на возилото од долниот дел на калници до кровот ќе надминува 1,30 метри ќе плаќаат дури 40 евра.

Сараево – Босна и Херцеговина за осум месеци оваа година увезла пакувана вода во вкупна вредност од 14,48 милиони КМ (околу 7,4 милиони евра). Вкупната увезена количина од 31,752 тони вклучува и природна или вештачка минерална и газирана вода, без дополнителни шеќери, или некој друг вид на засладувач од арома, потврдено е на Управата за индиректно даночење на БиХ. Водата главно се увезувала од Хрватска, Србија и Словенија.

Берлин – Германскиот приватен сектор во септември, инаку изборен месец во таа земја, оствари најголем раст од јануари оваа година. Тоа може да се толкува како знак дека првата економија во еврозоната ќе продолжи со позитивен раст и во третото тромесечје. Прелиминарниот индекс на менаџери за набавка кој ја мери активноста во преработувачкиот сектор но и во секторот за услуги, значи две третини од стопанската активност, пораснал во септември во Германија од августовските 53,5 на 53,8 поени, што е знак на раст.

Вашингтон – Американецот Дејвид Рис има необична работа. Тој рачно остри обични графитни моливи, а својата ексклузивна услуга ја наплатува дури 35 долари. Има многу муштерии. Рис идејата за своето егзотично занимање ја добил кога во 2010 година работел на попис и по цел ден пишувал со обичен жолт графитен молив со ознака 2. По една година тој почнал да се занимава со професионално острење, а до денес запишал дури 1.804 муштерии со вкупна заработка од 63.000 долари. Рис дури напишал и книга Како се остри молив, држи и курсеви за острење и има колекција алатаки за острење.

Лондон – Францускиот нафтен гигант Тотал до 2017 година планира да го зголеми нафтеното производство на три милиони барели дневно, соопшти управата на компанијата. Тотал има намера до 2015 година производството да го зголеми на 2,6 милиони барели, а во 2014 на 2,3 милиони. Ваквиот план за зголемување на производството е во согласност со плановите на компанијата за покренување на производство во низа наоѓалишта, како што беше случајот со Качаган и Казахстан во почетокот на овој месец. Тотал исто така има намера да ги зајакне напорите во експлоатација на гас и покренување на производство во над 15 наоѓалишта до крајот на идната година, пред се во Мексиканскиот залив во Ирак, Бразил и Ангола.

Москва – Странците кои сакаат да работат во Русија наскоро ќе мораат на сметка во банка да имаат 1000 евра, или 45.000 рубљи. Причина? Ако мора да се вратат дома, во земјата од која дошле, картата мора да си ја платат сами. Ова е предлог на пратениците на градското собрание во Санкт Петербург, кои се надеваат дека на тој начин ќе добијат гаранција дека лесно ќе се решат од тие кои можат да им прават проблеми. Тој паричен лимит ќе биде пречка на многу гастарбајтери од поранешните советски републики, посебно на тие кои доаѓаат од централна Азија, бидејќи за многу од нив 1000 евра се вистинско богатство. Според податоците на Федералната служба за миграции на Русија, во таа земја влегле 15,9 милиони странски граѓани, од кои регистрирани се 6,5 милиони. Државјанство од Русија добиле 95,700 странци, додека 35,000 се депортирани или вратени во земјата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП