16 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗ„Porsche“ го прослави својот 75-ти роденден со уникатен автомобил (ФОТО/ВИДЕО)

„Porsche“ го прослави својот 75-ти роденден со уникатен автомобил (ФОТО/ВИДЕО)

Германскиот производител „Porsche“ годинава ќе прослави 75 години од своето постоење. Првиот автомобил на марката, „356“, беше пуштен во продажба во јуни 1948-ма година, а сега компанијата го почитува своето минато со нов концепт, „Vision 357“.

Една од најзабележливите работи кај концептниот модел е неговата елеганција. Нема рачки на вратите – дизајнерите ги сокриле во задното странично стакло, а камерите ги заменуваат традиционалните странични ретровизори.

Напред и назад, „Porsche“ ги крие светлата зад перфорациите во панелите на каросеријата, додека го интегрира третото стоп светло во мотивот на задната решетка, што исто така е референца за оригиналниот „356“.

Првите единици на овој модел се одликуваа со шофершајбната поделена со лента по средината. Иако таков акцент не е присутен во „Vision 357“, дизајнерите на „Porsche“ си „поиграа“ со стаклото на концептот, обвиткувајќи го околу црните А-столбови за да ги обединат трите елементи на прозорецот во една единица и така да наликуваат на визир за шлем.

„Porsche“ се одлучи за двобојна надворешност со „Ice Grey Metallic“ покривајќи го поголемиот дел од автомобилот и „Grivola Grey Metallic“ со акцент на предниот браник. Големите налепници „75“ ги красат вратите и хаубата, додека суптилните налепници „357“ се наоѓаат на предните и на задниот дел. Компанијата дури ги означила доводите за воздух во задните странични стакла со ознаки „Air“ и стрелките кои укажуваат на доводите.

Сè на сè, „Vision 357“ е стилски концепт кој го остава погонот зад себе. Сепак, „Porsche“ го гради автомобилот на технолошката платформа „718 Cayman GT4 RS“, давајќи му на концептот атмосферски 4.0-литарски боксер мотор со шест цилиндри кој развива 500 ks, а од компанијата наведуваат дека моторот ќе може да работи на синтетичко гориво. Сепак, не се посочува дали тоа ќе стане факт, односно дали концептот ќе добие сериска верзија.

Јубилејниот автомобил на „Porsche“ го има своето јавно деби на специјална изложба во Берлин на која се одбележуваат 75 години од спортските автомобили на марката. Изложбата на „Drive Forum“ на групацијата „Volkswagen“ се отвори вчера (27-ми јануари) и ќе трае до средината на февруари, а „Porsche“ планира да го претстави концептот на други меѓународни настани во текот на годината.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП