2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија и Форбс заеднички ќе привлекуваат странски инвестиции

Македонија и Форбс заеднички ќе привлекуваат странски инвестиции

forbs

Во рамките на економскиот дел од посетата на САД, премиерот Никола Груевски вчера ја посети корпорацијата Форбс каде имаше средба со потпретседателот на корпорацијата, Кристофер Форбс.

На средбата беше разговарано за можностите за остварување на соработка на полето на привлекувањето на странски инвестиции во Република Македонија и во областа на советувањето за реализација на економските политики. Двајцата соговорници, како што соопшти владината прес-служба, разговараа и за конкретни економски политики, мерки и активности, кои водат кон унапредување на бизнис климата, со акцент на даночниот пакет и даночната политика.

По средбата беше потпишан Договор за соработка на полето на привлекувањето на странските инвестиции помеѓу Република Македонија и корпорацијата Форбс.

Со Договорот е предвидено корпорацијата Форбс да учествува во организацијата на бизнис форуми на кои Република Македонија ги презентира поволностите и можностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори, ангажман на корпорацијата Форбс во обезбедување на компании кои присуствуваат на бизнис форумите, а кои се заинтересирани за ширење на своите капацитети и лобирање кон нив, како и маркетинг на корпорацијата Форбс во интерес на нашата земја во насока на промоција на македонските потенцијали за привлекување на странски инвестиции.

Договорот беше подготвуван во претходниот период низ претходни контакти во врска со неговото прецизирање, и во име на нашата земја го потпиша директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, а од име на корпорацијата Форбс, Кристијан Форбс.

Премиерот Груевски позитивно ја оцени претстојната соработка со влијателниот светски бизнис магазин Форбс.

– Денеска се потпиша договор помеѓу Република Македонија и магазинот Форбс, еден од најреномираните магазини за бизнис во светот, кој печати околу еден милион копии на годишно ниво. Се работи, пред се, за соработка која што ќе биде во правец на организирање на наша презентација пред поголем број на бизнисмени и компании во три града, Њујорк, Лондон и Лос Анџелес, презентација пред значајни квалитетни инвеститори од аспект на тоа дека се работи за крупни и богати инвеститори, пред кои што Македонија ќе се претстави, а ќе биде во организација на Форбс бидејќи тие се и нивни клиенти и нивни добри и познати компании со кои тие со години соработуваат. Компаниите ќе бидат поканети од страна на Форбс, а Македонија ќе биде таа што ќе изврши презентација, изјави премиерот Груевски по потпишувањето на Договорот.

Покрај ова, како што додаде, ќе имаме соработка и во делот на нивниот основен бизнис, а тоа е магазинот Форбс каде што ќе имаме во различни месеци вкупно осум изданија на цела страница за Македонија и нашите поволности за инвеститорите.

Потпретседателот Кристијан Форбс даде позитивни оценки за македонските активности за привлекување на странски инвестиции, и изрази големи очекувања од претстојната соработка со Република Македонија.

– Форбс има скоро стогодишно искуство во соработка со бизнис лидери во која меѓу другото советуваме каде да се инвестира. Ние сме среќни што ќе работиме со Македонија и ќе ги промовираме можностите кои ги овозможува Македонија, како што е неверојатно добриот даночен режим, рамниот данок што како стратегии Форбс ги поддржува, како и пријателската бизнис околина која што можеби некои локални светски бизнис лидери не ја познаваат, и ние ќе работиме со македонската Влада за да ја промовираме таа порака, изјави потпретседателот на Форбс по потпишувањето.

Според Виктор Мизо со Договорот ќе се засили логистиката на македонските активности за привлекување на странски инвестиции.

– Тоа што Форбс ќе биде наш партнер е многу важно затоа што тогаш компаниите нас не гледаат како земја која го добива оној печат од страна на Форбс бидејќи Форбс верува во она што ние го правиме. Истовремено е многу важно што нивните идеи се многу слични со нашите од гледна точка на ниски даноци, рамен данок, добра бизнис клима, така што мрежата на Форбс и начинот како да тие можат да ги привлечат тие компании за нас ќе значат многу и она што го работиме веќе шест или седум години на овој начин ќе го реализираме многу подобро, изјави Мизо.

Владината делегација предводена од премиерот Груевски денеска ќе престојува во градот Принстон, каде што ќе одржи и бизнис форум пред компании од Њу Џерси, а ќе го посети и медицинскиот центар во Принстон.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП