16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрвичниот текст на законот за плати во јавниот сектор ги скара власта...

Првичниот текст на законот за плати во јавниот сектор ги скара власта и синдикатите!

Само што е објавен на ЕНЕР предлог законот за плати во јавниот сектор предизвика лавина од реакции кај засегнатите страни. Од неуставен и дискриминаторен до проблематичен, нејасен и создаден да ги намали работничките права на вработените. Власта пак смета дека рано е да се носат заклучоци, и додаваат дека со новото законско решение целта е да се воспостави едно системско решение за подолг период.

УПОЗ И СОНК наспроти министерствата за информатичко општество и администрација и ресорното за труд и социјална политика. Синдикалците со серија обвинувања бараат предложениот Закон за плати да се повлече и доработи, но од министерствата кои се засегнати со овој закон велат дека нема ништо спорно, а ако се утврди член кој е спротивен на правата на работниците тоа веднаш ќе се поправи.

Од Синдикатот на Управата правосудството и здруженијата стравуваат дека со носењето на новиот закон ќе се укинат сите Колективни договори кои всушност се темелот на работничките права. Од УПОЗ јавно прашуваат зошто во подготовката на законот не е вклучен ниту еден синдикат? Според синдикатот, социјален дијалог преку објавување на предлог текст на ЕНЕР не се прави, туку треба да се соберат сите засегнати страни и да го дадат своето мислење.

„Велат дека е системски закон, дека се работи за плати и тоа на сите вработени во јавен сектор а тоа се од 130 до 150 илјади вработени. Тука се вработените во здравство, во полиција, одбрана, образование, администрација, сите! Прво и основно, предлогот е против уставен, во уставот стои дека плати се исплаќаат со закон и колективен договор, а во текстот имаме ставка која вели се враќаат правилниците со кои се исплаќаат плати“, велат од УПОЗ

Слични, а можеби и пожестоки раакции имаат од синдикатот на вработените во образовните институции. Според СОНК спорно е тоа што во текстот стои дека плата за вработените ќе има доколку биде обезбедена од буџетот. Од СОНК испратија прашање до Илинденска број два во кое се наведува дилемата, дали вработените ќе останат без плата ако за тоа така реши министерот за финансии.

„Дали тоа значи дека ако ние работиме затоа што е предвидено со закон, во еден момент некој оцени дека во буџетот нема средства. Дефинитивно, спротивно на уставните одредби. Платите и надоместоците на плати може да бидат ограничени и намалени под услови утврдени со овој закон, исто така, ако се направи проценка дека буџетот нема средства или дека приоритетите на државата се некои други дејности тогаш платите можат да бидат намалени, тоа значи дека тука работниците ќе немаат никакво влијание, синикатите ќе немаат никакво влијание, велат од СОНК.

Но, за разлика од претставниците на работниците, власта вели дека за прв пат од осамостојувањето во земјава ќе се воспостави сигурен систем на плати во јавниот сектор. Од Министерството за труд велат дека допрва следуваат јавните расправи, ќе се собираат мислеања од сите засегнати. Она што е важно е дека ќе се стави ред, а ќе се елиминираат дупките во актуелното решение.

„Во моментов имаме неуфициран систем на плати во јавниот сектор. Се случува одреден вработен во институција или јавно претпријатие или агенција да зема поголема плата од претседател на Врховен суд или повисока плата од претседател на држава. Понатаму се случува одреден директор да има повисока плата од министер. Законот предвидува и постојан раст на платите во јавниот сектор“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Креаторот пак на законот, министерствто за информатичко општество и администрација вели дека ова не е конечна верзија на текстот.

„Владата, како и до сега и во случаите со други законски решенија кои се однесуваат на социјалниот дијалог, процесот до конечната верзија го води низ транспарентна постапка. Предложеното е во насока на да се усогласат јасни правила и воедначена Методологија за пресметка на платите во јавниот сектор. Пресметката и исплатата на платите во институциите од јавниот сектор моментално се врши врз основа на посебни закони и колективни договори, а во некои институциии дури и со правилници-спротивно на начелата и одредбите од Уставот.“, велат од министерствто за информатичко општество и администрација.

Реформата во јавниот сектор започна пред неколку години, одамна е најавен нов закон за плати, но текстот се уште е на самиот почеток. Нема ништо ниту од намалувањето на државната администрација преку проектот на трансфер од јавен во приватниот сектор. Инаку, речиси цело лето јавниот сектор беше во генерален штрајк бидејќи работодавачот, во случајот Влладата по поминати шесет месеци од носењето на нова повисока минимална плата од 18 илјади денари не воспостави порамнување, а со тоа и зголемување и на останатите  плати. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП