20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОстанаа дилемите зошто плаќаме над милион евра повеќе за набавка на природен...

Останаа дилемите зошто плаќаме над милион евра повеќе за набавка на природен гас

Наместо навистина да се придржува до принципите на пазарната економија, домашната компанија што ги превзема топланите, за набавка на енергенсот за нивно функционирање избра фирма што понуди фиксна цена, која што сега е повисока од моментно актуелната на берзите. И како резултат на тоа, од буџетот само за јануари ќе се потрошат милион евра повеќе. Енергетската криза продолжува, европските земји на сите можни начини се обидуваат да штедат или да ги намалат трошењата на јавните пари, а додека природниот гас на светските берзи се продава по најниска цена, Македонија го купува поскапо.

Наспроти ова, на повикот на ЕСМ за набавка на гас за тековниот месец, „Макпетрол“ учествуваше со цена која што беше променлива, односно врзана за движењата на берзите. Доколку државната компанија се одлучеше за овој пристап, којшто и самата го практикуваше цела измината година, за гасот ќе платеше помалку. Македонскиот понудувач преку соопштение објави дека за набавка на 61.693 мегават часови за потребите на „ЕСМ продажба“ доставил променлива цена според берзанските цени, од 116,2085 евра, а „Балкан Јутилитис“ дал фиксна цена од 115,97 евра, односно пониска за 0,2385 евра.

За потребите на „ЕСМ енергетика“, пак, „Макпетрол“ понудил 110,2178 евра во истиот период за 33.670 мегават часови, а за истото количество енергија, „Балкан Јутилитис“ приложил цена од 115,97 евра, односно за 5,7522 евра повисока од понудeната на македонската компанија. Кога ќе се соберат количините и разликата во цената се добива износ од 178,963 евра во корист на понудата на „Макпетрол“ уште во моментот на одлучување. Според сегашниот статус на берзите, оваа разлика достигнува над милион евра, колку што државата поскапо ќе го плати гасот од „Балкан Јутилитис“.

ЕСМ до јавноста испрати соопштение, но во него граѓаните не добија одговор ниту ги потврдуваат ниту ги негираат наводите на „Макпетрол“. Во нивното обраќање тие не се осврнуваат ниту на разликата од околу 180 илјади евра во корист на македонската компанија во моментот на одлучување, ниту, пак, на вкупната разлика, која што според сегашниот статус на берзите, е поголема од еден милион евра, кои што како повисока цена државата ќе ги плати на „Балкан Јутилитис“. Дополнително, ЕСМ во соопштението најави дека и за февруари ќе се следи истата практика, односно и за тој месец пресуден фактор ќе биде пониска, но фиксна цена за гасот.

Ваквиот пристап отвора клучна дилема – кој ќе ја покрие разликата доколку гасот поскапи и бугарската компанија не е во можност да го плати истиот, што би значело прекин на снабдувањето со гас за македонските топлани, а со тоа и на греењето во институциите, правните субјекти и индивидуалните домаќинства. Регулаторната комисија на Бугарија ја категоризира „Балкан Јутилитис“ како микропретпријатие и според нивните извештаи, тие во изминативе три години во две работеле со загуба. Првите луѓе на ЕСМ изјавија дека бугарската фирма доставила банкарска гаранција и таа ќе биде активирина ако е потребно, но досега нема одговор која е банката што ја дала гаранцијата, ниту, пак, тој документ е приложен на увид на јавноста.

Придржувањето до принципот на фиксна цена, особено во период кога цените на берзите продолжуваат да паѓаат, може да значи само едно – дека државата непотребно и нелогично ќе плаќа поскапо за да го набави природниот гас потребен за работата на топланите. Ова ќе значи дека несоодветното трошење на јавните финансии ќе продолжи, а притоа останува нејасно чија ќе биде одговорноста за ваквите постапки во време на глобална енергетска и економска криза.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП