16 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во САД се намали во декември

Инфлацијата во САД се намали во декември

Растот на потрошувачките цени во САД повторно забави во декември 2022 година, што е веќе шести месец по ред како постепено ублажува инфлацијата.

Бирото за статистика на трудот објави дека неговиот индекс на потрошувачки цени бил 6,5%. За споредба, во ноември е забележан пораст на цените од 7,1%.

Во јуни 2022 година, инфлацијата достигна највисоко ниво во изминатите 40 години – 9,1%.

Додека американските потрошувачи може да почувствуваат некакво олеснување кога плаќаат за намирници и други стоки, инфлацијата останува далеку над вообичаената бројка од 2 отсто што ја имаат за цел креаторите на политиките во Федералните резерви.

Некои економисти сè уште предвидуваат дека американската економија, најголемата во светот, ќе се соочи со рецесија до крајот на годината, но растот на работните места исто така остана висок, со 233.000 нови работни места во декември.

Во четвртокот, Министерството за труд соопшти дека барањата за бенефиции за невработеност паднале на најниско ниво во последните 15 недели минатата недела, со вкупно 205.000. Овие барања обично се показател за отпуштања на работна сила.

Некои познати компании, како што е компанијата за инвестициско банкарство Голдман Сакс или медиумската компанија Си-Ен-Ен, отпуштија работници, но многу други компании сè уште бараат нови вработени.

Стапката на невработеност во САД изнесува 3,5%, што е најниска во изминатите 53 години.

И покрај сето ова, инфлацијата останува главна причина за загриженост кај Федералните резерви, институција која ги зголеми каматните стапки седум пати во текот на 2022 година. Идејата зад забавувањето на инфлацијата беше да се забави растот на работните места и да се зголемат трошоците за позајмување пари за компаниите и поединците – и се чини дека стратегијата функционира, иако бавно.

Креаторите на политиката на Федералните резерви посочија дека планираат да ги зголемат каматните стапки уште два или три пати во наредните месеци, пред да го прекинат трендот, но да ги остават стапките високи.

Друга загриженост на која посочуваат аналитичарите е опасноста од таканаречена „стагфлација“, кога инфлацијата останува висока, плус со зголемена невработеност и слаб економски раст, што е проблем без јасно решение.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП