Војната во Украина влезе во 321-от ден. Се водат жестоки борби за градовите Соледар и Бахмут (руско име Артјомовск) во ДНР. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, синоќа изјави дека отпорот на украинската армија во Соледар и овозможил на земјата да купи време и да зајакне.
Украинскиот Генералштаб за операциите на истокот на земјата
Русија спроведува офанзивни операции во три области во источна Украина, додека ги концентрира напорите на заземање на целиот регион Доњецк, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина на утринскиот брифинг.
Руската армија ги насочува своите напори на Бахмут, Авдеевка и Лиман, кои се наоѓаат во источниот дел на регионот, со цел да ја придвижи линијата на фронтот кон административната граница на регионот Доњецк, се вели во соопштението.
Украинскиот Генералштаб додаде дека овие напори биле „неуспешни“.
Генералштабот, исто така, извести дека Русија извршила осум ракетни напади и 31 воздушен напад во текот на изминатиот ден. Исто така, изврши 63 напади со ракетни фрлачи, вклучително и врз цивилната инфраструктура во градовите Харков, Керсон, Краматорск во Доњецката област и Очаков во Николаевската област.
Можно испраќање на „Страјкер“ во Украина
САД размислуваат да префрлат модерни оклопни транспортери „Страјкер“ во Украина, објави „Политико“, повикувајќи се на информирани извори.
-Оклопните транспортери Страјкер би можеле да станат дел од следната транша од воената помош. Администрацијата би можела да го објави пакетот – со или без Страјкер – на крајот на следната недела – пишува американскиот портал.
Лансирање на „Искандер“
Министерството за одбрана на Русија објави видео од лансирање на ракета на оперативно-тактичкиот комплекс „Искандер“ врз објект на украинската армија во зоната за специјални операции.
Шолц е убеден во потребата да се координира испораката на оружје во Украина со сојузниците
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека се уште е убеден во потребата да се координира испораката на оружје во Украина со сојузниците, додека расте притисокот врз Берлин да испрати германски тенкови Леопард 2 во Киев.
Германија минатата недела објави дека ќе и обезбеди на Украина оклопни возила Мардер за да помогне во одбивањето на руските сили, објави Ројтерс.
Соопштението дојде истиот ден кога САД објавија дека ќе испратат борбени возила Бредли во Украина, еден ден по сличната најава од Франција, соопшти агенцијата.
Шолц, кој често ја нагласува важноста да не ескалира конфликтот во Украина или да не се даде причина на Русија да го смета Западот за страна во војната, рече дека западните сојузници „го подготвуваат, разговараат и го организираат ова“ долго време.
Киев, исто така, побара тешки возила како што се тенковите Леопард, што би претставувало значаен чекор на западната поддршка за Украина, наведува агенцијата.