3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција ја удвои инвестицијата во имот за „златна виза“

Грција ја удвои инвестицијата во имот за „златна виза“

Од јануари 2023-та година, Грција ја зголеми минималната инвестиција во имотот потребна во рамките на нејзината програма „златна виза“, една од најпопуларните од ваков вид за богатите странци кои бараат престој во Европа. Сумата е двојно зголемена од 250 илјади на 500 илјади евра, пишува магазинот „Forbes“.

Новата минимална куповна цена ќе важи за единствен имот во северниот дел на земјата, централните и јужните области на Атина, островите Миконос и Санторини и општината Солун.

Досегашната минимална вредност од 250 илјади евра ќе биде зачувана за остатокот од државата. Програмата „Државјанство со инвестиција“ или „златна виза“ им овозможува на државјаните на трети земји да добијат жителство во Грција доколку инвестираат во недвижен имот и исполнуваат специфични услови.

Одлуката, која беше одобрена од парламентот кон крајот на декември, беше мотивирана од фактот што, според премиерот Киријакос Мицотакис, инвеститорите кои купуваат грчки имоти, особено во Атина и други популарни дестинации, ги туркале Грците од пазарот и ги зголемувале кириите.

Мицотакис додаде дека новите амандмани имаат за цел да ги направат имотите попристапни за грчките граѓани.

Странците кои веќе добиле постојан престој преку инвестирање може да го продолжат доколку докажат дека сè уште го поседуваат имотот.

„Златната виза“ се издава до два месеца по поднесувањето на барањето и дополнителните придружни документи.

Крајниот рок е 31-ви декември 2023-та година за лица кои веќе аплицирале и се во процес на купување имот во области каде што лимитот за инвестирање не е променет.

„Златна визна треска“

Побарувачката за грчки „златни визи“ расте со вртоглаво темпо – износот на странски инвестиции во недвижности достигна 414,4 милиони евра во вториот квартал од 2022-ра година, што е зголемување за 67 отсто во однос на истиот период во 2021-ва година.

Грчкиот весник „Катимерини“ објави дека една третина од трансакциите со имот во Грција во последните години се поврзани со набавки направени специјално за стекнување „златна виза“.

Најпопуларни се луксузните куќи во центарот на Атина, покрај Олимписката ривиера и во популарните туристички области.

Новиот закон им даде на странските купувачи уште еден силен притисок да стекнат имот пред да се зголеми лимитот за добивање грчка резиденција од 250.000 на 500.000 евра, објавија локалните медиуми.

Интересот е особено силен кај кинеските купувачи, кои од 2014-та година се стекнале со речиси 6.000 „златни визи“.

Нов рекорд на странски инвестиции во имот

И покрај силното противење на програмите за „златна виза“ од Европската комисија, Грција е особено отворена за странски инвестиции во замена за визи во последниве години, а 2022-ра година се очекува да биде рекорд за купување имот од странци.

Меѓународниот капитал инвестиран во недвижен имот во првата половина од оваа година порасна за повеќе од 60% на годишно ниво, што ги натера аналитичарите да предвидат дека 2022-ра година ќе постави нов рекорд.

„Златните визи“ им нудат на богатите можност да купат жителство – понекогаш дури и без да живеат во земјата. Тие служат како „златна“ можност за инвестирање во Европа и уживање во привилегиите кои произлегуваат од престојот.

„Златната виза“ му овозможува на примарниот инвеститор и неговото семејство да живеат, работат, студираат и добиваат здравствена заштита во земјава. Многу такви визи обезбедуваат брза патека до државјанството, што го олеснува целиот процес.

Иако програмата е достапна во голем број земји-членки на ЕУ, таа често беше критикувана од официјални претставници на ЕУ бидејќи тие велат дека ја отвора вратата за нелегални активности, вклучително и перење пари и корупција.

Европската комисија ги повикува земјите-членки кои имаат такви програми да ги прекинат што е можно поскоро поради криминални активности и ризик за безбедноста, транспарентноста и вредностите на ЕУ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП