19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија уплаќа убедливо најмногу во буџетот на ЕУ

Германија уплаќа убедливо најмногу во буџетот на ЕУ

Германија е убедливо најголемиот нето плаќач во буџетот на Европската унија, потврди деновиве пресметката на новинската агенција dpa. Таа тврди дека во 2021 година Германија платила 25,1 милијарди повеќе во буџетот на ЕУ отколку што добила од неа.

На далечно второ место е Франција со нето-исплата од 12,4 милијарди евра.

Нешто слично – иако со разлика од неколку милијарди – покажа и пресметката на Институтот за германска економија (IW) во ноември. Според нив, Германија во 2021 година уплатила 21,4 милијарди евра повеќе во бриселската каса отколку што добила од неа. И овде Франција е на второ место со речиси двојно помала исплата од 10,9 милијарди евра.

Брисел не објавува официјални податоци

Објавените бројки се разликуваат бидејќи не се официјални – а токму тоа е пикантно. Имено, од 2019 година, Европската комисија повеќе не ги објавува овие статистики. Како што напиша порталот „Бизнисинсајдер“, Комисијата оттогаш не објавила бројки „бидејќи и здодеале од постојаните дебати за примачите и плаќачите“.

„Но и затоа што таа веруваше дека оваа пресметка кажува малку во Унијата, која е сè потесно поврзана“, вели Business Insider, потсетувајќи дека поранешниот еврокомесар за буџет Гинтер Отингер, инаку германски демохристијанин, ја сметал оваа бројка за „глупост.

Зашто, како што велат критичарите на овие статистики, од нив е тешко да се прочита колку една земја всушност има корист од ЕУ. Бројката секогаш паѓа на плодна почва со десничарите и евроскептиците од побогатите земји, бидејќи тие ја користат како „доказ“ дека наводно ЕУ служи само за пренасочување на „нашите“ пари за некои безделници во други земји.

Бројката не зема предвид колку, да речеме, силна земја извозник како Германија има корист од пласирањето производи на европскиот пазар без царини или од користењето поевтина работна сила низ ЕУ.

А кои се даночните приходи на Германија?

Официјалните податоци на германскиот завод за статистика Дестатис го покажуваат следново: во 2021 година во Германија се собрани вкупно 833,2 милијарди евра даноци. Споредено со претходната 2020 година, тоа е зголемување за 93,5 милијарди евра (+12,6%).

По распределбата на даноците, федералната влада доби 313,7 милијарди евра (+10,8%), покраините 355,1 милијарди евра (+12,3%) и комуните 124,9 милијарди евра (+15,9%). Од даночните приходи на Европската унија и биле исплатени 38,2 милијарди евра (+16,6%).

Најголеми победници: Полска или Хрватска

Но, можеби германските даночни обврзници сепак ќе бидат заинтересирани за бројката. Така, во 2021 година, придонесот на Германија во бриселскиот ќуп беше за значително 5,9 милијарди евра повисок од 2020 година, што економистите на IW го објаснуваат со Брегзит. Со излегувањето на силната британска економија од ЕУ, Германија мораше повеќе да повлече.

Според сметката на IW, вкупно десет земји-членки на ЕУ плаќаат повеќе во буџетот отколку што земаат, додека 17 држави добиваат повеќе отколку што плаќаат. Покрај Германија и Франција, најголеми плаќачи се Холандија (4,1 милијарди), Шведска (2,5) и Данска (1,5).

Најголем корисник на буџетот несомнено е Полска (12,9 милијарди плус), потоа Грција (4,7 милијарди), Унгарија (4,3), Романија (4,2) и Шпанија (3,5).

Колку една земја треба да придонесе за заедничката “касичка” се пресметува врз основа на бројот на жители и силата на економијата.

Ако се погледне колку од вкупниот бруто национален доход плаќаат земјите, Германија повторно е прва со 0,58 отсто. Според овој критериум, најголем нето-добитник е Хрватска, која од Брисел добива дури 3,08 отсто од бруто-приходот.

Повик за транспарентност

Институтот IW, исто така, ја повика Европската комисија повторно да ги објави бројките. „Објавувањето на нето-позициите од страна на Европската комисија ќе им даде на овие бројки официјален печат и на тој начин ќе им се спротивстави на паушалните пресметки и искривените или еврокритичните толкувања“, напиша IW претходно.

Сепак, Европската комисија не сакаше да ги коментира бројките ниту на прашањето на агенцијата dpa.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП