29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБугарска фирма со дискутабилен кредибилитет ќе и продава природен гас на Македонија

Бугарска фирма со дискутабилен кредибилитет ќе и продава природен гас на Македонија

По објавата дека „ЕСМ продажба“ склучила договор со бугарската компанија „Балкан Јутилитис“ за набавка на природен гас за следните четири месеци, во јавноста се отворија низа прашања и дилеми. Меѓу нив е и тоа поврзано со сопствениците, односно зошто државата избира компанија во чија што сопственичка структура се имиња на лица кои се поврзуваат со активности и со бизнисмени кои што, во најмала рака, можат да се дефинираат како дискутабилни.

Бугарската регулаторна комисија ја категоризира „Балкан Јутилитис“ како микропретпријатие. На 15 септември годинава таа добила 10-годишна лиценца за трговија со природен гас. Регистрирана во 2003 за да се занимава со „трговија со електроенергија, финансирање, инвестициско проектирање и експлоатација во сферата на енергетиката“, таа пет години подоцна се трансформира во акционерско друштво.

Јавно достапните информации на порталот Yox откриваат дека во сопственичката структура на компанијата учествуваат бугарските државјани Тони Стефанов Баев и Максим Жеков Димов, како и Савас Агапио од Грција. Името на Баев е наведено во напис на порталот Energy Press од 2017 година, како претставник на „Виндоус интернешнл“, компанија која што е вброена во регистарот на транспарентност на Европската Унија. Истражувањето на медиумот открива дека зад оваа фирма стои рускиот олигарх Александар Лебедев.

Интересно е што во решението на бугарската регулаторна комисија, во делот каде што е презентиран бизнис-планот, се споменува и електраната ТЕ-ТО од Скопје, како корисник на гасот што ќе го продава „Балкан Јутилитис“. Во истиот документ се наведува дека ТЕ-ТО е во сопственост на компанијата „Синтез грин енерџи“ од Кипар, која што, пак, е поврзана со главниот акционер во „Балкан Јутилитис“

Името на второто од трите лица наведени како сопственици на оваа бугарска компанија, Максим Жеков Димов, е споменато во текстот со наслов „Венецуелска пералница“, а објавен од портал којшто се занимава со истражувачко новинарство. Меѓудругото, Димов бил вклучен во структурата на компанијата „Руснефтехим“ која што продавала нафта увезена од рускиот пазар и која што припаѓала на поголем руски конзорциум.

Според податоците на Регулаторната комисија на Бугарија, „Балкан Јутилитис“ за 2019 пријавило загуба од 98.012 евра, добивка од 118.432 евра во 2020 и загуба од 33.691 евра за 2021 година. Приходите пред три години ѝ биле 127.110 евра, додека во 2021 година се намалиле на 53.600 евра. Десетгодишната лиценца за трговија со природен гас ја добива дури на 15 септември годинава, а бугарскиот регулатор ја дефинира како микропретпријатие.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП