Долгoгодишното искуство за правење на вино, силната винска страст и поволните климатски услови во радовишкото поднебје, придонесоа за отворањето на Винарија Кукутанов, која веќе на самиот почеток со своите високо квалитетни вина се наметнува на домашниот и регионалниот пазар. Одлични критики за овие вина стигнаа од Винска Визија во Белград, а на скопската Винодонија 2022 беа вистинско освежување. Со капацитет за производство од 30000 шишиња годишно, Винарија Кукутанов е нова радовишка винска приказна за која тек ќе се зборува. За почеток, фокусот е на добропознатото Шардоне, уникатното Розе, добиено од автохтоната сорта на грозје Радовишка (Ж’та) прачка и елегантното Мерло „зачинето“ со радовишки тероар, вина наменети за страсните љубители на винoто. Уникатноста и квалитетот на Кукутанов вината се нивен заштитен знак, а оние кои еднаш ќе ги пробаат им остануваат верни. Сето ова не мотивираше да иницираме разговор со сопственикот на оваа винарија г. Ѓорѓи Кукутанов и да ја запознаеме пошироката јавност со оваа нова македонска винска приказна.
1. Што е она што овие вина ги прави посебни?
Уникатноста на вината “Кукутанов“ е во раскошниот мирис и вкус! Предизвик ни беше да создадеме вино кое кога се дегустира, да може вистински да се почувствува напишаното на етикетата, односно, најобичен конзумент да може да доживее една раскошна палета на мириси и вкусови. Ова доаѓа од целокупната посветеност во производниот процес, од грозјето на самиот насад, до флаширањето во шише. Вниманието со кое се вршат сите операции, како и спојот помеѓу традиционалниот начин на производство со најновите технологии, резултираа со вина кои долго Ви остануваат во меморија откако ќе ги пробате.
2. Станува збор за семејна винарија, во која се вклучени повеќе генерации познавачи на квалитетното вино? Од каде таа страст за виното?
Најверојатно е во гените!. Уште прадедо ми и дедо ми, имале “мини“ – винарија за сопствени потреби. Лозарството, винарството, домашната ракија, се фамилијарна историја и традиција. Татко ми по вокација е доктор на земјоделски науки (изворно енолог), а јас занаетот го учев од него. Секој занает има тајни, а исто е и производството на вино.
3. За квалитетно вино е потребна и квалитетна суровина, и секако добар енолог. Која е тајната за квалитетот на вашето вино?
Виното е комплексна материја, налик на жив организам! За да се произведе квалитетно вино треба да се задоволат многу фактори. Започнува со самото грозје, односно квалитетната суровина. Климатските услови во Радовишката котлина создаваат идеални услови за производство на хармонични вина поради изобилството на сончеви денови и постудените ноќи во периодот на зреење на грозјето. Потоа е целокупниот процес во винаријата, од приемот, преку примарната преработка, ферментацијата, до негата и зреењето. Кога сме кај зреењето, она на што сме посебно горди е тоа што користиме исклучиво бочви направени од македонски даб (благун), избран од Готен планина и направени по наша технологија. Меѓу сите овие фактори се крие “тајната“ на инзворедноста на нашите вина.
4. Ако го споредите вашето вино со оние најдобрите кои доаѓаат од Франција, како би го оцениле?
Имам посетено некои од најпознатите светски вински региони во Европа и Америка, и сум имал прилика да пробам исклучителни вина. Можеби е нескромно, но мислам дека можеме да се класифицираме во ранг со најдобрите, а реално тоа е и нашата цел. Оцената е можеби субјективна и затоа ќе треба да оставиме на времето и винските познавачите да го кажат конечниот суд.
5. Расте потрошувачката на флаширано вино во регионов. Потрошувачите се се повеќе свесни за придобивките од умереното косумирање на квалитетно вино. За кого се наменети овие вина?
Виното кое го произведуваме е наменето за сите почитувачи на божествениот пијалок, а секако и за оние кои се уште ја немаат откриено неговата благодeт. Начинот на кои ги произведуваме нашите вина гарантира највисок можен бенефит како во сетилното уживање, така и во смисла на благотворно дејство на организамот и расположението.
6. Колку Вие лично консумирате вино и кое е вашето омилено Кукутанов вино?
Речиси секојдневно. Со добар ручек задолжително (а и како би бил добар без чаша вино), или навечер после завршување на работниот ден, за релаксација и кревање на духот. Омилено, да истакнам посебно некое би било тешко, бидејќи ги пијам сите во зависност од пригодата и храната, но ако морам да одберам некое, тоа би било црвено барикирано, посебно Вранец барик, деликатес за сите сетила.
7. Дали имате некој интересна винска приказна која би сакале да ја споделите?
Оваа е најпресна. На Винодонија, кај нас на штанд дојде еден повозрасен господин и праша: – Кој е одговорен овде?, му одговорив: -Повелете. Ме праша: – Млад господине, имаш ли памет?, малку збунет му одговорив: Се надевам. Тој повторно: – Имаш ли памет? Навистина не знаев што да му одговорам. Кога виде дека ја постигна поентата да ме збуни, ми вели: – Абе дечко, имаш ли Памет, како го викате кај вас, Жта прачка, вино од тоа грозје, некој ми го пофали? Е сега веќе е друг муабет. Му понудив од нашето Розе, го проба и воодушевен од виното ми ја објасни работата. Господинот по потекло од Кочани, ми вели: – Порано кај нас на пазар носеа од тоа вашето радовишко, Жта прачка грозје и беше среќа за тој што ќе успее да купи. Кај нас таа сорта народски се вика Памет. Е сега биди Паметен!
8. Какви се плановите за во блиска иднина?
Развој на дистрибуцијата со цел, нашето вино да биде подостапно за конзументите. При крај на Јануари 2023, планираме да ги пуштиме нашите први вина од барик серијата, за кои слободно можам да кажам дека се врвни и се чекор погоре со софистицираноста. Финализирање на дестилеријата како во брзо време би го имало на пазар и нашето бренди. И секако, да создаваме врвно вино кое ќе допринесе во градењето на брендот на високо квалитетно македонско вино.