Неверојатниот медиумски интерес со кој беше проследена посетата на таканаречениот „тим за санкции“ од САД е најдобрата потврда за недовербата која нашите граѓани ја имаат во домашните органи штом единствената надеж за правда ја гледаат во странските и меѓународни институции. Ова е ставот на претседателот Стево Пендаровски кој го изнесе пред пратениците во Собранието. Тој кажа: „Или државата ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип или тие со украдените пари ќе градат имиџ на чесни граѓани“.
„ Точно е дека во последниот извештај на ‘Транспаренси Интернешнл’ бележиме позитивен скок напред од дваесет и четири места, но, тоа е сѐ уште под европскиот просек. Во оваа борба влогот е огромен: државата или ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип, или некои од нив и понатаму, со парите украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и да ги исмеваат сите останати од безбедна дистанца. Во тој судир меѓу криминалците и огромниот број граѓани со образ има две цели: прво, како држава да покажеме конкретни резултати, не само апсења за јавност, туку, изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото, и второ, да се почитува презумпцијата на невиност, што значи, луѓето да не ги осудиме во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд“, кажа Пендаровски.

