25 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМеси добро постапи што ја облече наметката, во спротивно ќе предизвикаше дипломатски...

Меси добро постапи што ја облече наметката, во спротивно ќе предизвикаше дипломатски скандал

Лео Меси го крена трофејот наменет за светскиот шампион облечен во црна наметка, или бишту, традиционална наметка што ја носат богатите граѓани на Катар кои често ја носат преку остатокот од облеката. За време на церемонијата биштот на грбот на Меси го стави катарскиот шеик Тамим бин Хамад Ал Тани, непосредно пред славниот Аргентинец да го подигне пехарот.

Тој потег предизвика многу дискусии во фудбалскиот свет. Многумина беа револтирани од тој потег, тврдејќи дека шеикот на тој начин му ја украл славата на Меси и дека најдобриот играч на светот требало да го одбие тој чин и да го прими пехарот во аргентински дрес.

„Но зошто? Немаше потреба од тоа“, вели 37. годишниот поранешен аргентински репрезентативец Пабло Забалета, кој како стручен коментатор за Би-Би-Си го следеше финалето на Светското првенство меѓу Аргентина и Франција.

Светскиот првак со Германија во 2014 година, Бастијан Швајнштајгер за телевизијата АРД, рече дека „Ал Тани на Меси му го украл најголемиот момент во кариерата“.

Има и луѓе кои тврдат дека Меси се однесувал со достоинство и дека од почит кон домаќинот не сакал да предизвика скандал.

Романскиот селектор Ципријан Панаит, кој долги години работи во земјите од Персискиот залив, изјави дека е добро за Меси што ја облекол наметката, бидејќи секоја друга реакција би предизвикала многу проблеми, па дури и дипломатски скандал. Тоа би му предизвикало низа тешкотии во ПСЖ.

„Гледам дека некои од моите колеги дадоа изјави за овој случај и тоа во потполно незнаење. Доколку Меси не ја облечеше таа наметка, тоа ќе беше најголема навреда за катарскиот шеик и ќе дојдеше до дипломатски конфликт. Сите оние што ја коментираа наметката треба да го знаат тоа“, изјави Панаит за романски Дигиспорт и додаде:

„Јас, по шест години во Саудиска Арабија, сакам да кажам дека само владејачката класа ја носи таа наметка, само многу богати луѓе, а кога ја добивате, тоа значи дека сте дел од нивното семејство, значи дека сте добредојдени во тој круг. Тоа е најголемиот можен чин на почит што ви е покажан. Кога емирот на Катар ви го нуди овој подарок, мислам дека никој не може да си дозволи да не го прифати. Меси е во ПСЖ, нели? Знаете ли кој е газда на ПСЖ? Кралското семејство, а не Насер Ал-Келаифи“, заклучи романскиот тренер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП