Посебен оперативен тим ќе се грижи за сајбер безбедноста во Македонија – Работна група од експерти треба да ги детектира слабите точки во критичната инфраструктура во земјава која лесно може да биде мета на сајбер напади. Оваа информација со јавноста ја сподели премиерот Димитар Ковачевски, откако веќе два месеци училиштата, дел од државните органи, трговски центри но и други објекти се мета на лажни дојави за бомби.
„Оперативниот тим ќе го раководи Бирото за јавна безбедност. Ќе има претставници на АНБ, Агенцијата за разузнавање и Секторот за воена безбедност при Министерството за одбрана. Ќе членуваат експерти доминантно од ИТ технологиите, се она што се зборуваше во јавноста – ВПН мрежи, делот на целиот процес врз кој овие хибридни закани кои се спроведуваат. Ќе имаат помош и од ад-хок експерти кои доаѓаат од други институции со соодветно знаење, а кои не можат да бидат членови поради сензитивноста на работата. Преку стручни мислења, ад-хок експертите ќе помагаат. Ќе биде во координација со стратешките партнери, САД и НАТО“, рече Ковачевски.

