Народната банка на Република Северна Македонија и Сојузот на математичари на Македонија склучија Меморандум за соработка во доменот на финансиската едукација, за потребите на Македонската економска олимпијада којашто се организира за првпат. Македонската економска олимпијада ќе се одржи во мај 2023 година, по што најуспешните ученици ќе се натпреваруваат на финалето на Меѓународната економска олимпијада, на крајот на јули 2023 година.
Народната банка поддржува проекти за финансиска едукација на учениците и презема бројни активности за зголемување на финансиската писменост кај младите. За таа цел е и остварената соработка со Сојузот на математичари на Македонија, чија цел е откривање, поддршка и поттикнување на натпреварувачкиот дух на учениците со особен талент и знаења од областа на економијата, финансиите и бизнисот. Народната банка ќе сподели знаења, вештини и информации за учениците и за нивните ментори, заради зајакнување на финансиската едукација. Соработката ќе се остварува преку обуки и обезбедување едукативни материјали за подготовка на учениците од средното образование.

