28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладините политики со минимални ефекти врз подобрувањето на животната средина!

Владините политики со минимални ефекти врз подобрувањето на животната средина!

Владините политики за заштита на животната средина се недоволни за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во извештајот на Државниот завод за ревизија се наведува дека има  одреден напредок по одделени области, но генерално Македонија е далеку од усогласување со националното законодавство на Европската Унија, кое предвидува воведување на начелото „загадувачот плаќа“, што значи воведување дополнителни надоместоци за животната средина.

Во ревизорскиот извештај стои дека на локално ниво, општините немаат донесено еколошки акциони планови или оние кои се донесени не се ревидирани. Голем дел на ЕУ барањата за животна средина се воведени во националното законодавство, вклучително и начелото “загадувачот плаќа“, но недонесени или пак ненавремено донесени подзаконски акти доведуваат до забавена динамика на нивната имплементација. Проблематично е тоа што администрирањето на надоместоците за животна средина од повеќе институции не овозможува увид од страна на Министерството за животна средина, кое е надлежно за спроведување на политиката на животната средина.

„Не почитувањето на принципот „загадувачот плаќа“ при утврдување на висината на надоместоците, придонесува истата да не е соодветна на настанатите промени во движењето на економските параметри и на параметрите за загадувањето, сразмерно на загадувањето и искористувањето на природните ресурси. Надлежните субјекти не го пресметуваат варијабилниот дел на надоместокот за испуштање на води, утврдени се фиксни износи на надоместоците за управување со отпад, надоместоците за поседување на интегрирана еколошка дозвола не се движат во законски определените рамки по емисиони точки, а општините немаат еднаков пристап при утврдување на основата за пресметка на надоместокот за услугите за собирање, транспортирање и депонирање на комунален отпад“, стои во извештајот на ДЗР.

Ревизорите нотираа и отсуството на единствен информационен систем кој ќе ги содржи информациите и податоците од сите институции вклучени во процесот на пресметка и наплата на надоместоците. Дополнително, наведено е и дека управувањето со водите од страна на дел од јавните претпријатија се врши без дозвола. За периодот од 2020 година до денот на вршење на ревизијата, во Буџетот на Македонија не се остварени приходи по основ на надоместоци за користење и испуштање на води во износ од 101.616 илјади денари, за што се склучени спогодби, а процентот на неприходувана вода на ниво на држава од 60,% е значајно повисок од земјите на ЕУ каде изнесува 30%.

„Поради не издавање/ ненавремено издавање на решенија за плаќање на надоместокот за поседување на А-интегрирана дозвола, ненавремено и нецелосно утужување, заклучно со 31.12.2021 година, остварени се помалку приходи и во буџетот на МЖСПП, односно, ненаплатени се побарувања од 9.453 илјади денари, а отпишани се 30.273 илјади денари. Само 37% од општините остваруваат приходи по основ на надоместоци за управување со комунален отпад, средства кои треба да бидат искористени за реализирање на регионалните планови и цели за управување со оваа област. При вршење надзор над инсталациите, не е обезбедена објективност на податоците од мерењата за загадувачките супстанци, поради нецелосна акредитација на Централната лабораторија за животна средина и не воспоставената соработка помеѓу МЖСПП и ДИЖС кој врши надзор над инсталациите“, стои во извештајот.

Дека не се зема сериозно во предвид оваа проблематика во државата говори фактот на ревизорите дека средствата по основ на надоместоци за животна средина се користат за реализација на програмски активности од кои не може да се обезбеди показател за степенот на искористеност на приходите по основ на надоместоци во однос на финансирање на активностите од областа на животната средина. Па така, во периодот 2019-2021 година, програмите за инвестирање во животната средина имаат реализација од 62,%, а поради не преземените мерки од договорните страни раскинати се договори за реализација на проекти од Програмата за управување со водите во износ од 6.520 илјади денари. Ревизијата покажала и дека средствата од буџетот на ресорното министерство не се доволни за финансирање на активностите во областа воздух и заштита на природата, а на локално ниво, планираните средства за заштита на животната средина не обезбедуваат реализација на плановите и спроведување на активностите. Поради отсуство на интегриран пристап во начинот на распределба и користење на надоместоците за животна средина, според податоците од Државен завод за статистика, инвестициите и трошоците за заштита на животната средина учествуваат незначително во БДП со 0,6% за 2020 година.

За да се надминат ваквите состојби ревизорите препорачуваат мерки за надминување на овие пракси. Според ревизорите потребно е изготвување на Национален еколошки акционен план и усогласување на сите стратешки документи со истиот. Дефинирање на критериуми и параметри кои влијаат на утврдување на висината на тарифите на надоместоците за животна средина кои во законските одредби се во фиксен износ, како и временски период на нивно ревидирање. Воспоставување на катастар на загадувачи на води и негово одржување. Обезбедување на евиденција на надоместоците од субјектите со стекнато водно право и нивно следење во насока на поголема ефикасност при наплатата на истиот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП