22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата паѓаат, трговците загрижени за побарувачката

Цените на нафтата паѓаат, трговците загрижени за побарувачката

Цените на нафтата паднаа во четвртокот на меѓународните пазари бидејќи натамошното зголемување на каматните стапки од страна на централните банки ќе го забави економскиот раст, што ќе ја намали побарувачката за „црното злато“.

Во однос на претходното затворање, цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 70 центи, на 82,0 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по пониска цена од околу 80 центи, по 76,49 долари.

Цените на двата пазари паднаа поради посилниот долар, кој може да ја ослаби побарувачката за нафта со тоа што ќе ја поскапи за оние кои користат други валути.

Претседателот на американската централна банка Џером Пауел во средата изјави дека американската централна банка дополнително ќе ги зголеми каматните стапки следната година, иако на економијата и се заканува рецесија.

„Цените на нафтата денеска се под притисок бидејќи насоките на ФЕД за монетарната политика ја зголемија загриженоста за економскиот раст, го зајакнаа американскиот долар и ги притиснаа цените на суровините“, рече Тина Тенг од CMC Markets.

Економските податоци на Кина за ноември беа „многу под очекувањата, што дополнително ги затемни изгледите за побарувачката“, додаде Тенг.

Утринава, всушност, се покажа дека втората по големина економија во светот дополнително го загуби својот залет, бидејќи податоците покажуваат дека растот на фабричкото производство забави, а продажбата на мало продолжи да паѓа. Кина е најголемиот увозник на нафта во светот.

Притисокот врз цените на нафтата дојде и со веста дека канадската ТЦ Енерџи продолжува со работа на дел од својот нафтовод Кистоун, една недела откако истекувањето на повеќе од 14.000 барели нафта во руралните средини на Канзас предизвика затворање.

Падот на цените беше ограничен со проценките на Меѓународната агенција за енергија, која очекува кинеската побарувачка на нафта да закрепне следната година, по овогодишниот пад од 400.000 барели дневно.

Во меѓувреме, залихите на сурова нафта во САД се зголемија за повеќе од 10 милиони барели минатата недела, најмногу од март 2021 година, според податоците на американската влада.

И покрај денешниот пад, цените на нафтата се на пат да растат оваа недела и се оддалечија од најниските нивоа во годината, кои ги достигнаа пред една недела.

Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) денеска соопшти дека во средата цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки пораснала за 1,63 долари, на 79,97 долари во споредба со претходниот ден.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП