28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКој е Зарко Милошевски - Новиот шеф на Агенцијата за национална безбедност

Кој е Зарко Милошевски – Новиот шеф на Агенцијата за национална безбедност

Довчерашниот началник во АНБ Зарко Милошевски вчера на владина седница беше избран за наследник на Виктор Димовски на директорското столче во Агенцијата, кој пак треба да замине во Париз, каде ќе ја претставува Македонија како амбасадор.

Милошевски доаѓа на директорското столче во време коа Агенцијата за национална безбедност ја тресат скандали поради давањето на македонско државјанство на украинскиот олигарх Олександр Онишченко, за кого според информациите на Денар од АНБ, со свој потпис гарантирал токму Милошевски, кој потврдил дека неговиот оддел ја спровел целата постапка како што треба и дека Онишченко не е опасност за државата.

Тој не е непознат во разузнавачкиот сектор. За началник во згаснатата УБК е назначен во 2007 година, кога на чело на Управата е Сашо Мијалков. Зад него во владејачката СДСМ, според информациите кои протекоа во јавноста, стоел партискиот генерален секретар, Миле Зечевиќ. Негова фотографија пак, не може да се најде на интернет, бидејќи целиот живот работи како разузнавач.

А токму за изборот на Милошевски реагираше и опозицијата, од каде велат – наместо да го разреши, премиерот Димитар Ковачевски го унапредува началникот во АНБ. Новиот директор го квалификуваат како продолжена рака на екс директорот Димовски, но и на Зечевиќ.

„Наместо, Милошевски да биде разрешен од позицијата помошник директор, Ковачевски го унапредува со назначување на прв човек на АНБ. Ковачевски уште еднаш покажува дека единствен интерес на власта е политизација и партизацијата на институциите и исполнувања на барањата на клановите на СДС кој се бореа за оваа директорска позиција. Да беше Македонија правна држава, до сега Димовски наместо за амбасадор во Франција, а Милошевски за директор на АНБ, ќе одговараа кривично за бројните пропусти со делење на македонските пасоши на нарко босови и давање државјанство на лица на црната листа на САД“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

А токму по изборот, во Собранието треба да заврши Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР, за да реферира веќе поранешниот директор, Виктор Димовски, како Онишченко, чие државјанство е во фаза на одземање, во прв момент добил зелено светло да стане македонски државјанин. Седницата претходно беше прекината, бидејќи иако затворена за јавноста, тонски се емитуваше во живо на собранискиот Јутјуб канал.

А.Т

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП