6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако ќе се либерализира пазарот со природен гас ако Македонија нема сертифициран...

Како ќе се либерализира пазарот со природен гас ако Македонија нема сертифициран оператор

Владата пред извесно време најави дека од 1 јануари ќе го либерализира пазарот со природен гас во земјава. Ако се знае дека до новата година има уште безмалку две недели, се поставува прашањето како сите потребни процедури навреме ќе се завршат и како компаниите ќе се прилагодат на новите правила за толку краток период без притоа штета да трпат крајните корисници, меѓу кои се и граѓаните.

Законот за енергетика од 2018 година истакнува дека државата треба да формира сертифициран оператор за пренос на природен гас, како и да донесе подзаконски акти што ќе овозможат тргување на овој пазар. Засега, овие правила не се донесени и нема најави кога тоа ќе се случи. Претходно, државата склучи договор со Бугарија за проширување на капацитетот на интерконекторот кај Жидилово.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денес најави дека акционерското друштво „Национални енергетски ресурси“ и ГА-МА, компанијата под чија надлежност е системот за пренос на гас, ќе станат едно претпријатие.

-По 30 години можеме да ја објавиме веста дека се формира нов правен субјект, ново трговско друштво кое во нашата држава во иднина ќе го развие системот на гасификација и на таков начин нашата држава ќе стане уште понезависна во делот на снабдување со природен гас – истакна Бектеши пред почетокот на словенечко – македонскиот форум за економска соработка.

Тоа што во својата изјава министерот не го откри, а е клучно за начинот на којшто би функционирал системот со природен гас во земјава, е фактот дека за да врши дејност „пренос на природен гас“ носителот треба да биде сертифициран оператор. Македонија, засега нема субјект што поседува ваква сертификација, ниту е најавено кога новото претпријатите ќе добие ваков документ. Процедурата за обезбедување сертификат трае околу седум месеци.

На само две недели пред Нова Година, и тоа само преку официјалниот сајт на ГА-МА, компаниите кои набавуваат природен гас биле известени дека ќе мора да одат во Бугарија за да добијат код од „Булгартранс гас“. Само со поседување на ваков код тие ќе можат да увезуваат природен гас. Нејасно е дали и тоа ќе им овозможи нормално функционирање, затоа што за да издава кодови, бугарската компанија треба да има дозвола од европскиот систем ЕНЦО. Притоа, истото издавање кодови зависи од серификацијата на операторот во Македонија, за која што нема информација кога ќе се случи.

Правилата на пазарот со природен гас ги носи операторот, но за тоа мора да има согласност од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Овој процес подразбира спроведување јавен повик за да се слушне мислењето од сите заинтересирани страни. И на овој план се отвора прашањето кога ќе се случи тој повик, ако се знае дека Македонија нема оператор, а и тој да се формира, во скоро време не би имал сертификација. Крајната штета од сето ова ќе ја трпат корисниците, меѓу кои се и граѓаните, кои што ќе треба за кратко време да се прилагодуваат на нови и нејасни правила и начини на функционирање.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП