1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПриштина потпиша апликација за членство во ЕУ

Приштина потпиша апликација за членство во ЕУ

Во Приштина потпишана е апликација за членство на Косово во Европската Унија, пренесува приштинскиот медиум „Коха диторе“.

Според претходните најави во медиумите, церемонијата на потпишување на документите почна во 11 часот, а на документот се потпишаа претседателката на Косово, Вјоса Османи, премиерот Аљбин Курти и претседателот на косовскиот парламент, Гљаук Коњуфца.

Османи посочи дека барањето за членство во ЕУ е „историски ден“.

Таа во својот говор по церемонијата на потпишување рече и дека Косово како земја на мирот и почитувањето на човековите права заслужува да биде дел од ЕУ.

„Денес е историски ден. Тоа е историски момент. 14 декември има двојно значење во современата историја на Косово. Покрај барањето за членство, денеска е и годишнина од основањето на Армијата. Овие два чина одат во насока на нашата евроатлантска визија. Во име на Косово правиме одлучувачки чекор кон остварување на сонот. Да ја приближиме нашата земја чекор поблиску до ЕУ. Нема друга алтернатива за Косово. Во пресрет на 15-годишнината од независноста овој чин е посветен на сите граѓани, оние што се изборија за слобода. Косово дише европски. Најмладата земја во Европа, земја на политички плурализам, верски права, нераскинлив придонесувач за мирот и безбедноста, заслужува да биде дел од ЕУ. Нашиот пат напред е јасен, решени сме да успееме“, рече Османи.

Коњуфца истакна и дека денешниот ден е многу важен. Според него, ЕУ е комплетна само кога сите европски народи се дел од неа.

„Ова е првиот официјален чекор на патот кон членството на Косово во ЕУ. Ова патување оди преку Европската комисија… но оваа одлука им припаѓа на владите на земјите членки, кои ги повикуваме да гласаат едногласно“, рече Коњуфца.

Премиерот Албин Курти најави дека апликацијата ќе биде поднесена до чешкото претседателство со ЕУ во Прага.

„Напредокот ќе зависи од нашата посветеност на длабоки и прогресивни реформи. Колку бргу ќе одиме, ќе зависи од нас. Одиме напред по сопствена заслуга, нашата сопствена способност да ги исполниме критериумите. Пречките и предизвиците ги надминуваме со демократски развој и социјален напредок“, рече Курти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП