Кина подготвува огромна поддршка за својата индустрија за производство на чипови. Портфолиото изнесува 143 милијарди долари (1 трилион јуани), објави „Reuters“.
Пекинг планира да примени еден од своите најголеми фискални стимулативни пакети, главно во форма на субвенции и даночни кредити, за поддршка на производството и истражувачките активности на полупроводници во следните пет години.
Според извори блиски до кинеската влада, стимулативниот пакет најверојатно ќе биде лансиран веќе во првиот квартал на следната година.
Најголем дел од финансиската помош ќе биде искористена за субвенционирање на набавка на домашна полупроводничка опрема од кинески фирми, главно фабрики за полупроводници. Тие ќе имаат право на 20% државна субвенција за набавната цена, објаснуваат изворите за публикацијата.
Програмата ја следи линијата на Пекинг, кој го прогласи за свој политички приоритет развојот на независна индустрија за чипови.
Планот за фискална поддршка доаѓа како одговор на нацрт-законот кој обезбедува грантови од 52,7 милијарди долари за производство и истражување на полупроводници во САД, како и околу 24 милијарди долари даночни кредити за фабриките за чипови. Тој беше потпишан од американскиот претседател Џо Бајден во август.
Со стимулативниот пакет, Пекинг има за цел да ја зајакне поддршката за кинеските фирми за чипови за изградба, проширување или надградба на домашно производство, монтажа, пакување и капацитети за истражување и развој. Планот на кинеските власти вклучува и повластени даночни политики за полупроводничката индустрија во земјата.