„Усогласувањето на правната рамка со законодавството на Европската Унија во областа на монетарната политика е во напредна фаза“, истакна вицегувернерката Емилија Нацевска во своето излагање на конференцијата организирана од страна на Секретаријатот за европски прашања, насловена „На европскиот пат: нови реформи, нови можности!”. Обезбедувањето и одржувањето на независноста на Народната банка е од витално значење за да се исполни улогата на централната банка како гарант на макроекономската и финансиската стабилност, што е од особена важност за ЕУ при оцената на ова поглавје, а воедно и еден од основните предуслови за привлекување на странските инвеститори. Монетарната политика е и ќе биде насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок, зајакнување и одржување на независноста и кон јакнење на капацитетите и исполнување на стандардите за пристап до европскиот систем на централни банки.
Вицегувернерката се осврна и на постигнувањата и усогласеноста коишто ги има постигнато Народната банка и во други сфери во рамки на нејзиниот мандат. „Во процесот на преговори, сѐ до влезот во ЕУ, Народната банка ќе работи на натамошно усогласување на регулативата во повеќе сфери од своето делување. Ќе се работи кон понатамошно усогласување во доменот на банкарската регулатива со цел одржување стабилен и здрав, но и поконкурентен банкарски систем, водејќи сметка за соодветна заштита на потрошувачите. И натаму ќе се обезбеди непречено и безбедно вршење на платежните услуги, но во поконкурентно окружување со нови даватели на платежни услуги покрај банките и поголема транспарентност за видот на услугите и цената на надоместоците, во согласност со европските регулаторни барања и стандарди“.

