Доларот зајакна на азиските пазари на почетокот на неделата, поттикнат од податоците дека производните цени во САД се зголемија повеќе од очекуваното во ноември.
Ова укажува на постојани инфлациски притисоци и ги зголемува шансите Федералните резерви (ФЕД) да ги задржи каматните стапки на повисоко ниво на подолг период.
Доларот поскапе за 0,35 отсто во однос на јапонскиот јен на 137,05 јени. Во однос на кошничката валути, индексот на доларот порасна за 0,12 отсто на 105,18 поени, пренесува Ројтерс.
Според последните податоци на берзата, еврото се тргува за 1,0509 долари, што е за 0,2 отсто пониско од претходната сесија, а британската фунта падна за 0,31 отсто, на 1,2229 долари.
Австралискиот и новозеландскиот долар исто така ослабеа во однос на американскиот долар за по 0,34 отсто.
Кинескиот јуан благо се намали на 6,9798 јуани за долар на пазарите надвор од континентална Кина, под притисок од загриженоста за потенцијалниот пораст на бројот на случаи на Ковид-19 бидејќи Пекинг ги олеснува строгите ограничувања за коронавирусот.
Индексот на цените на производителите на САД се зголеми за 0,3 отсто месечно и 7,4 отсто на годишно ниво во ноември, покажаа податоците објавени во петокот, што е мало изненадување со оглед на тоа што пазарите очекуваа пораст од 0,2 и 7,2 отсто, соодветно.
Вниманието на трговците сега е насочено кон клучните настани оваа недела, вклучително и објавувањето на податоците за потрошувачката инфлација во САД и состаноците на големите централни банки.
Пазарните играчи очекуваат ФЕД да ги зголеми каматните стапки за 50 базични поени, но фокусот секако ќе биде ставен на ажурираните економски проекции на американската централна банка и на прес-конференцијата на претседателот на ФЕД Џером Пауел.
Пред состанокот на Комитетот за операции на отворен пазар (FOMC) на ФЕД, податоците за инфлацијата во САД за ноември се објавени во вторник, при што економистите предвидуваат основна годишна инфлација од 6,1 отсто.
Покрај тоа, оваа недела ќе се одржат состаноци на Банката на Англија и Европската централна банка (ЕЦБ), на кои се очекува да ги зголемат нивните клучни стапки за 50 базични поени.