23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТОТКРИЕНИ ДЕТАЛИ: Ердоган разговарал со Путин и Зеленски, ова се клучните проблеми

ОТКРИЕНИ ДЕТАЛИ: Ердоган разговарал со Путин и Зеленски, ова се клучните проблеми

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска разговараше со рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Володимир Зеленски.

Една од темите беа измените на договорот за извоз на жито во Црното Море, со цел двете страни да го зголемат извозот.

Зеленски на својот Твитер профил напиша дека со Ердоган „разговарал за понатамошна работа и можно зголемување на извозот на жито“. Според Ројтерс, Москва бара поголеми гаранции за сопствениот извоз на храна и ѓубрива, додека Киев сака договорот да се прошири за да се зголеми бројот на украинските пристаништа кои би учествувале во извозот.

Турското претседателство соопшти дека Ердоган го повикал Путин за брз прекин на конфликтот во Украина и рече дека Москва би можела да почне да работи на извоз на повеќе храна и стоки преку коридорот за жито во Црното Море.

„Договорот бара отстранување на пречките за соодветно снабдување со ѓубриво од Русија за да се исполнат барањата на земјите на кои им е најпотребно“, соопшти денеска Кремљ.

Во соопштението се вели дека Ердоган и Путин разговарале и за рускиот предлог за создавање центар за гас во Турција за извоз на руски природен гас, идеја предложена од Путин во октомври како начин за пренасочување на испораките на гас од рускиот гасовод Северен тек оштетен од експлозија во септември.

Путин и Ердоган разговараа и за решавање на ситуацијата во Сирија во контекст на почитување на одредбите од руско-турскиот меморандум за разбирање потпишан во 2019 година. Русија ги повика Обединетите нации да го повикаат Западот да укине некои санкции, за да се осигура дека Москва може слободно да ги извезува своите ѓубрива и земјоделски производи, што е дел од Црноморскиот договор за жито за кој Москва вели дека не е спроведен.

Ројтерс потсетува дека Украина и Русија се меѓу најголемите светски производители и извозници на жито и дека блокадата на украинските пристаништа по почетокот на конфликтот се закануваше да предизвика глобална прехранбена криза, која беше избегната со договорот за извоз на жито преку Црно Море, со посредство на Турција и ОН.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП