25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКорупција во Македонија - Странците засилено ја посочуваат, па по пет ипол...

Корупција во Македонија – Странците засилено ја посочуваат, па по пет ипол години почна и владата

Навидум задоволни, но исплашени – по пет ипол години власт и тврдење дека работите се тргнати на подобро, сега сите министри од владејачките СДСМ и ДУИ велат, мора да се стави крај на корупцијата која цвета во Македонија. Овие нивни изјави доаѓаат по најавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, која по еден месец во земјава, повика тим за санкции со цел да ја лоцира корупцијата како кај сегашните, така и кај поранешните корумпирани актери.

Но, САД не може да ја лови корупцијата за да ги стави сите инкриминирани актери пред лицето на правдата. Процедурата која ја најави Агелер ќе почне со тимот кој ќе лоцира кои имиња ќе се најдат на црната листа на државата од која е делегирана во Македонија. Тоа пак, треба да биде насока за судската власт, кое лице е корумпирано, а за кое има доволно докази и за кое треба да биде отворен предмет. 

Овој тим практично ќе има двојна функција, помош на САД, за да знае државата со кого може, а со кого да не соработува кај нас, но и помош за нашите институции, како да се справат со корупцијата, од најниско до највисоко ниво. Сепак, се уште нема никакви информации, дали тимот кој пристигна на почетокот на оваа недела веќе оперира или пак се уште траат подготовките.

Помош од Обединетото Кралство и ЕУ или обид за самозаштита?

По Агелер, со критики преку Твитер се јави и британскиот амбасадор, Метју Лосон. Според него, состојбата со корупцијата во Македонија не се подобрува, туку напротив, станува сѐ полоша.

„Неодамнешните вознемирувачки извештаи сугерираат дека корупцијата во Македонија се влошува, а не се подобрува. Корупцијата го поткопува владеењето на правото, создава недоверба во судството и ги ослабува јавните институции. Обединетото Кралство стои со Македонија. Апсолутно клучно за да се справиме со ова“, напиша Лосон.

А, критиките не изостанаа ниту од Европската Унија. Евроамбасадорот Дејвид Гир на власта и порача дека треба да се справи со коруцпијата која тече низ дел од институциите. И тој порача, ќе и помогнеме на земјата, но таа мора да се справи со овие појави.

„Корупцијата, како и водата секогаш ќе си го најде патот –  ако не се сретне со отпор тогаш ќе се распространи. Во Македонија корупцијата е присутна во одредени области. Таа тече низ дел од институциите во државата, преовладува во услужниот сектор. Зошто граѓаните да плаќаат дополнително за услуга за која што веќе платиле преку даноци? Зошто некои јавни позиции треба да се одредуваат врз основа на политичка припадност, место по заслуга. Зошто некои деца треба сериозно да работат за да ги добијат своите квалификации, а други не“, рече Гир во Владата, каде беше повикан од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на средба каде главна тема беше борбата против корупцијата.

Пораките од Македонија: Политичка помош или страв?

Прв за помош се понуди министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Понуди неговата партија ДУИ да предложи закон за ветинг, но и да бидат предводници на овој процес, најавуван уште во 2016 година, на парламентарните избори по кои нивниот лидер Али Ахмети одлучи да влезе во коалиција со СДСМ. Ветингот во судството го најавуваше тогашниот премиер Зоран Заев, но под притисок од меѓународната заедницата, се откажа овој процес.

Следниот кој понуди помош е министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој на чело на полицијата е од 2015 година, како технички министер, но со две паузи – кога се одложија изборите за една година, како и во 2020 година, кога застана на чело на владата како технички премиер. Токму институцијата која ја води е една од алките во системот која досега требаше да покаже резултати во справувањето со корупцијата, за да не дојде до оваа засилена проверка од САД, но тој сега вели – го ставам на располагање МВР за да помогне.

Но, не се знае каква ќе биде реакцијата во Македонија, во услови кога за шефот на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази излегоа фотографии со функционери од ДУИ, додека пак за претседателката на судскиот совет, Весна Дамева фотографии со функционери од СДСМ. И двајцата, клучни во борбата со корупцијата се вадеа со истата изјава – „Не сум член на партија“.

А.Т

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП