19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФон дер Лајен: Русија и Кина се борат да го зајакнат своето...

Фон дер Лајен: Русија и Кина се борат да го зајакнат своето влијание на Западен Балкан

Русија и Кина се обидуваат да го зајакнат своето влијание во Западен Балкан поради војната во Украина, изјави во вторник претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

„Дали ќе преовладуваат автократиите и правото на најсилните или ќе надвладее демократијата и владеењето на правото“, се запраша Фон дер Лајен во Тирана кога пристигна на самитот на лидерите на ЕУ и земјите од Западен Балкан. „Оваа турбуленција е забележлива и на Западен Балкан – Русија се обидува да влијае, Кина се обидува да влијае“, додаде таа.

Таа посочи дека земјите треба да изберат дали ќе бидат на страната на Европската унија. „Дали сте на страната на демократијата – односно Европската унија, вашиот пријател и партнер – или сакате да одите на друг начин“, рече Фон дер Лајен, нагласувајќи дека Европската унија е најголемиот инвеститор во регионот.

Сите земји од Западен Балкан, освен Србија, се приклучија на санкциите на ЕУ против Русија.

Српскиот претседател ги отфрли тврдењата дека неговата земја е премногу блиску до Русија пред самитот. „Србија е независна земја. Ние сме на европскиот пат и ќе останеме на него“, изјави Вучиќ.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека „иднината на нашите деца ќе биде побезбедна и попросперитетна со Западен Балкан во Европската Унија“.

Косово ќе поднесе барање за членство во ЕУ до крајот на годината, изјави косовската претседателка Вјоса Османи откако земјите од ЕУ неодамна го одобрија безвизниот режим за Косово од 2024 година.

Османи нагласи дека Косово ја поддржува надворешната и безбедносната политика на ЕУ, вклучително и „хармонизирање со санкциите против Русија, како и отфрлање на какво било малигно влијание на фактори како Русија и Кина“.

Лидерите разговарале и за интеграцијата на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ, за растот на цените на енергијата и храната поради руската инвазија на Украина итн.

Минатиот месец, Европската комисија предложи пакет за енергетска поддршка во вредност од една милијарда евра за да им помогне на земјите од Западен Балкан против високите цени на енергијата и зависноста од руските фосилни горива.

Лидерите на ЕУ и на Западен Балкан во вторникот наутро потпишаа декларација за доброволен почеток на намалување на таксите за роаминг, со можност за целосна суспензија до 2027 година.

Се очекува лидерите на ЕУ да разговараат и за нерегуларната миграција кон Унијата.

Над 120.000 нелегални гранични премини се откриени на таканаречената западнобалканска рута во првите десет месеци од 2022 година, што е зголемување за околу 70 отсто во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Фронтекс, агенцијата за заштита на границите на ЕУ.

Во понеделникот Комисијата ги повика земјите од Западен Балкан да ги зајакнат граничните контроли и депортациите и да го заострат визниот режим за трети земји.

Комисијата се надева дека помалку илегални мигранти ќе пристигнат во ЕУ доколку земјите од Западен Балкан престанат да им дозволуваат на граѓаните на трети земји да влезат во земјата без виза, доколку е невозможно да се влезе во Европската унија без виза.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП